• петок, 15 ноември 2024

Васко Ковачевски: Дури и да има поскапување на струјата по Нова година, тоа ќе биде минимално

Васко Ковачевски: Дури и да има поскапување на струјата по Нова година, тоа ќе биде минимално
Битола, 12 октомври 2022 (МИА) - Доколку воопшто има зголемување на цената на електричната енергија по 1 јануари, тоа ќе биде минимално, изјави денеска генералниот директор на АД ЕСМ, Васко Ковачевски. Според него, со направените вложувања во изминатиот период во сопствена опрема и работата на рудниците на ЕСМ, со рационализација и операционализација на трошоците, намалена е производната цена на РЕК „Битола“ на околу 58 до 60 евра за мегават час произведена електрична енергија. - Сепак цената на електричната енергија што ја нуди ЕСМ не зависи само од РЕК „Битола“, туку и од другите наши капацитети од кои дел работат на мазут. Па затоа колкаво ќе биде поскапувањето на струјата, доколку го има, ќе зависи од цените на берзите на мазутот, но и на природниот гас што ќе биде неопходен ако во системот се вклучи да работи ТЕ-ТО, рече Ковачевски при денешната посета на рудникот „Суводол“. Тој истакна дека од новиот коп од рудникот „Суводол“ во моментов се произведуваат и до РЕК „Битола“ се транспортираат околу 15 000 тони јаглен, нагласувајќи дека за секој од блоковите на Комбинатот дневно се потребни по 6000 тони јаглен за производство на електрична енергија, односно околу 18 000 тони доколку би работеле сите три блока. Ковачевски најави дека на крајот на неделава ќе заврши ремонтот на Блокот 1 во РЕК „Битола“, а до крајот на месецот се очекува да стигне и трансформаторот за Блокот 3, со што од почетокот на ноември ќе може да бидат ставени во функција трите блока на РЕК „Битола“. Како што истакна, по воведувањето на блок-тарифите има намален конзум на електрична енергија и универзалниот снабдувач „ЕВН Хоум“ во своите планови бара помалку од 15 до 17 отсто енергија од АД ЕСМ. Тоа, како што рече, позитивно ќе влијае за намалување на цената на електричната енергија, а дополнително на тоа позитивно ќе влијаат и најавите од Регулаторната комисија за енергетика дека ќе бидат воведени блок-тарифи и за малите потрошувачи со цел и тие да се стимулираат да штедат енергија. - Не може еден бербер да плаќа иста цена на електрична енергија како и комунално јавно претпријатие или некоја друга институција, која во последно време е префрлена на регулираниот пазар, истакна Ковачевски. вј/сп/

Остани поврзан