• недела, 22 декември 2024

Вархеји: ЕК ќе донесе план за интеграција на Балканот на европскиот економски пазар

Вархеји: ЕК ќе донесе план за интеграција на Балканот на европскиот економски пазар

Тирана, 6 октомври 2023 (МИА) - Еврокомесарот за проширување Оливер Вархеји, по состанокот на министрите за надворешни работи во рамки на Берлинскиот процес, што се одржа во Тирана, изјави дека ЕУ ќе продолжи да му помага на регионот на Западен Балкан и дека ЕК ќе донесе забрзан план за интеграција на Балканот на европскиот економски пазар.

- Денеска разговаравме за Берлинскиот процес, кој е добра и комплементарна платформа за агендата за проширување, како и дел од нашиот ангажман со Западен Балкан. Берлинскиот процес е најсигурната платформа преку која ја покажуваме нашата посветеност и ангажираност за регионот. За нас проширувањето на Западен Балкан е клучен приоритет, затоа го донесовме планот за економски инвестиции, мобилизиравме една третина од БДП во целиот регион. Тоа покажува дека ЕУ има резултати за својата работа. Инвестиравме една милијарда евра за да им помогнеме на ранливата категорија граѓани за да се справиме со екстремните поскапувања, изјави тој.

Посочи дека јасно ставиле до знаење дека поддршката ќе продолжи и за енергијата.

- Ние поддржуваме проекти на обновлив начин. Подготвени сме да финансираме нов терминал за гас во Црна Гора. Регионот што ќе има корист од овие инвестиции мора да биде економски интегриран. Целосно сме убедени дека имаме уште поголем потенцијал. Регионот ќе може да додаде една третина од својот БДП. Зборувавме за претходните експанзиони бранови за тоа како најдобро да се подготвиме за интегрираното проширување на регионот. Овој план исто така ќе има за цел да ја забрза економската интеграција и ќе има можности Западен Балкан да се интегрира на пазарот на ЕУ без да стане членка, рече Вархеји.

Тој порача дека „Европа е тука да придонесе, но и регионот мора да ги покаже своите резултати“. „Да му помогнеме на регионот да се трансформира“, додаде еврокомесарот.

Домаќиот, албанскиот министер за Европа и надворешни работи, Игли Хасани оцени дека „актуелната геополитичка ситуација произведе многу предизвици кои бараат внимание и решавање, а исто така бараат силна посветеност, не само на регионот, туку и на ЕУ“, нагласувајќи дека „ситуацијата, покрај предизвиците, произведе нова политичка волја“.

- Берлинскиот процес се заснова на три столба: европска перспектива, решавање спорови, подобрување на економските перформанси на регионот. Овогодинешниот самит ќе се фокусира главно на третиот столб. На маса се неколку предлози кои значително ќе го подобрат економскиот развој на регионот“, рече Хасани. вт/паг/

Фото: МНР Албанија

Остани поврзан