• понеделник, 23 декември 2024

Вакцините се безбедни, граѓаните го преферираат „Фајзер“

Вакцините се безбедни, граѓаните го преферираат „Фајзер“
Скопје, 20 март 2021 (МИА) - Здравствените власти тврдат дека секоја вакцина која што е сега присутна или допрва ќе влезе во земјава ќе биде безбедна за користење. Системот е подготвен и точно се знае како ќе се одвива масовната имунизација на населенито што треба да почне со вакцините на „Астра Зенека“ и на кинески „Синифарм“, кои се очекува да пристигнат на крајот на март и почетокот на април, а потоа и со „Фајзер“ и руската „Спутник В“. Јавноста, пак, е поделена околу вакцинирањето против Ковид-19, а најпреферирана е вакцината на „Фајзер“. Министерот за здравство Венко Филипче вчера појасни дека тоа што се создаде малку сомнеж, компликации, несакани ефекти од вакцината на „Астра Зенека“ поради што неколку национални агенции на некои европски земји го запреа вакцинирањето, дефинитивно го демантираше Европската агенција за лекови, која потврди дека вакцината е целосно безбедна и нема никаква директна причинско-последична врска помеѓу тие несакани ефекти и вакцината. -И затоа сега сите европски земи коишто привремено ја запреа вакцинацијата ќе ја продолжат вакцината на „Астра Зенека“. И според нашите сознанија, деталните анализи на публикациите коишто излегуваат од овие несакани ефекти, анализата на упатствата од буквално сите вакцини коишто ги имаме и коишто ќе дојдат во нашата земја се, дека сите вакцини се безбедни и корисни и дека служат за вистинската цел за која што треба, а тоа е да спречат несакан смртен слуај од болеста или тешка форма на болеста, нагласи Филипче. Тој потенцира дека прва вакцина која што ќе стигне преку ковакс-механизмот е на „Астра Зенека“, доколку претходхно не стигнат кинеските вакцини. Прашан дали како министер за здравство заедно со некои други политичари ќе се вакцинира со вакцината на „Астра Зенека“ за да ги увери граѓаните дека е безбедна, Филипче рече „дефинитивно да“. - Имајќи предвид дека гледаме сега дека навистина скепсата е најголема во однос на таа вакцина, да, дефинитивно, изјави Филипче. Од друга страна, јавноста е поделена околу вакцинирањето против Ковид-19. На ОМНИБУС истражувањето спроведено од БРИМА од 24 февруари до 9 март 2021, 37 отсто од граѓаните изјавиле дека сакаат да се вакцинираат додека 36 проценти експлицитно изјавувиле дека „нема да се вакцинираат, односно дека не сакаат да се вакцинираат“. Речиси една четвртина (23%) се двоумат и би почекале да видат дали вакцинирањето ќе има несакани последици. Анализата покажува дека 52 отсто од испитаници на возраст од над 55 години сакаат да се вакцинираат, наспроти само 35 проценти од граѓаните на возраст од 35 до 54 години и 24 отсто од анкетираните во старосната категорија од 15 до 34 години. Според работниот статус на испитаниците, 61 проценти од пензионерите сакаат да се вакцинираат, а кај другите категории – вработените, невработените, домаќинки и студентите процентот се движи во опсег од 21 до 36 отсто. Од друга страна, 41 проценти од испитаниците од урбаните средини сакаат да се вакцинираат, наспроти 32 отсто од оние што живеат во руралните средини. Меѓу испитаниците најмногу преферирана е вакцината на „Фајзер-БиоНТек“ (22 отсто), потоа е руската вакцина Спутник В (17 проценти), 7 отсто би ја преферирале кинеска вакцина, 5 проценти се за „АстраЗенека“ и 3 отсто за „Модерна“. Една четвртина (25 проценти) не знаат со која вакцина би сакале да бидат вакцинирани против Ковид-19, а на 20 отсто им е се едно со која вакцина ќе бидат вакцинирани. – Ова истражување иницира повеќе дополнителни истражувачки прашања меѓу кои се и зошто помладите во повисок процент не сакаат да се вакцинираат, кои се причините што влијаат за оваа поделеност во јавноста во врска со вакцинирањето, како и во врска со изборот на типот на вакцина, дали се граѓаните доволно информирани за ефикасноста на вакцините – од кои и какви извори на информации и каква е потребата за широка кампања за подигнување на свеста во врска со вакцинирањето и вакцините, наведуваат од БРИМА. Во претходното деноноќие беа регистрирани нови 999 случаи на коронавирусот од направени 3.566 тестирања. Починаа 21 лице, а оздравени се 711 пациенти.
Во болниците низ земјава хопситализирани се 1224 ковид-пациенти и има околу 317 празни болнички кревети.
На инфективните оддели во Скопје се лекуваат 520 лица сомнителни и потврдени за КОВИД -19. Поради зголемениот број на пациенти кои имаат потреба од хоспитализација, отворен е и ковид центарот на ТОАРИЛУЦ, на Клиниката за Трауматологија, а доколку има потреба ќе се отворат и дополнителни оддели на Клиниката за пластична хирургија и на Клиниката за торакална хирургија.
Во ковид центрите во другите градови, пак, се лекуваат вкупно 704 пациенти позитивни и суспектни на корона вирусот, најмногу во Прилеп 107, во Куманово 102, во Охрид 91 и Битола 73.
Вкупната бројка на Ковид-дијагностицирани од почетокот на епидемијата во земјава изнесува 711, на оздравени е 99.837, а на починати 3.424. Бројот на активни случаи изнесува 14.176. Досега во земјава се направени вкупно  582.489 тестирања за Ковид-19.фф/скс/

Можно е и ова да ти се допаѓа

Остани поврзан