• понеделник, 23 декември 2024

Буџетот за основна дејност на МАНУ помал за 40 отсто, новиот претседател Попов ја претстави годинашната програма

Буџетот за основна дејност на МАНУ помал за 40 отсто, новиот претседател Попов ја претстави годинашната програма

Скопје, 28 февруари 2024 (МИА) - Нема врвна наука без финансии и нема напредно општество со маргинализирање на науката, порача новиот претседател на Македонската академија на науките и уметностите (МАНУ), академик Живко Попов, во експозето откако на крајот на ноември беше избран за прв човек на Академијата за мандатниот период 2024 – 2027 година заедно со нов состав на Претседателството на МАНУ. 

Тој се осврна на реализираното во 2023, како што рече, „извонредно богата и содржајна научно-истражувачка и уметничка дејност“ со вкупно 67 проекти, навремено и успешно  реализирани и покрај, рече, континуираниот пад на средства за основната дејност на МАНУ. И покрај „максимално лимитираните буџетски средства“, Академијата лани имала и богата издавачка дејност и објавила 24 изданија со вкупен обем од 7000 страници. Членовите учествувале на над 90 научни и стручни собири, од кои 63 во странство. Попов посебно го истакна учеството на МАНУ во подготовката на Националната стратегија за развој на Македонија до 2040 година. 

Се засилува меѓународната димензија на работата на Академијата за што, рече Попов, говори порастот за 33 отсто во однос на 2022 на приходите од донации - наменски сметки со кои се финансира научната работа, главно од меѓународни извори.

И Програмата на МАНУ за 2024, во која се предвидени 84 научно-истражувачки и уметнички проекти од различни области, ќе зависи од одобрениот буџет кој, како што соопшти Попов, за основната дејност на МАНУ е намален за повеќе од 40 отсто во однос на почетокот на претходниот мандатен период. Веројатно ќе ја ограничат и планираната обемна издавачка дејност (25 периодични и 50 посебни изданија) и поради значително намалениот износ ќе бидат принудени, рече, да направат избор на приоритетни изданија. 

Соопшти дека фондот за научно-истражувачка и уметничка дејност во 2019 изнесувал 23 милиони денари, постојано се намалувал и во 2024 на Академијата и се доделени само 13 милиони денари. 

-Со новото раководство ќе продолжам посветено да работам за Академијата, за понатамошно зајакнување на институционалниот  капацитет на МАНУ и нејзиниот дигнитет како највисока, самостојна научна и уметничка институција која скоро  60 години е еден од главните столбови на идентитетот и државноста  на македонскиот народ и деловите на другите народи, истакна Попов. 

Во приоритетите на неговата работа тој ги посочи зголемување на бројот на научно-истражувачки проекти, зајакнување на соработката, пред се, со академиите од регионот, дијалог и доверба во самата Академијата и соработка со универзитетите и државните институции, нејзината советодавна функција во општеството и улога на медијатор во решавање на проблемите на државата.

Во експозето во кое зборуваше за „општествените аномалии“ Попов подвлече дека научно-истражувачката работа кај нас е потценета за што сведочи само 0,3 отсто издвојување за наука од БДП. 

-МАНУ треба да биде обединител на општествената наука и да застане на чело на научната јавност во државата за подобрување на состојбите во науката. Исто така, мора да има главен удел и во создавањето квалитетни млади научници, рече новиот претседател на МАНУ.

Ќе се залага и за формирање посебно Министерство за наука и силен фонд за наука при Владата во кој распределбата на средствата ќе ги прави посебна експертска комисија. 

Посочи и дека е потребно значително зголемување на капиталните инвестиции т.е. буџетски ставки за одржување на објектот на МАНУ изграден пред 50-ина години, ќе се залага за  прием на млади членови во Академијата т.е. создавање млад научен подмладок „како гарант за иднината на науката и технолошкиот развој во државата“, како и за правно, административно и финансиско консолидирање на Академијата со цел нејзино непречено функционирање. 

-Ќе продолжиме да преговараме со надлежните финансиски институции во државата со цел да добиеме буџет повисок во сите ставки, кој меѓу другото ќе овозможи повисоки лични доходи за вработените во Академијата, кои доликуваат на МАНУ, рече Попов. 

Новиот претседател на МАНУ и новиот состав на нејзиното Претседателство, чиј мандат почна на 1 јануари 2024,  беа избрани на собрание на Академијата на 27 ноември 2023. хс/ев/

Фото: МИА 

Остани поврзан