• четврток, 04 декември 2025

Бујар Османи: Нема да има нови дивоградби во Чаир, ќе ставаме крај на урбаната мафија и политичките уцени

Бујар Османи: Нема да има нови дивоградби во Чаир, ќе ставаме крај на урбаната мафија и политичките уцени

Скопје, 14 октомври 2025 (МИА) - Кандидатот за градоначалник на Општина Чаир, Бујар Османи, во дебатата на „Топ тема“, со противкандидатот Изет Меџити од ВРЕДИ, изјави дека дивоградбите и корупцијата се најголемиот извор на проблемите во општината и дека токму тие го задушиле Чаир во последните две децении.

-Ако Чаир требаше да се препознава по Чаршијата, по историските споменици и по зеленилото, денес, за жал, кога ќе го спомнете Чаир, помислата на целата држава, па и пошироко, е синоним за дивоградби и корупција, изјави Османи.

Тој посочи дека постојат три категории на дивоградби, но најопасни се комерцијалните згради изградени без план, на државно земјиште и без платени комуналии. 

- Со тоа е оштетен буџетот, а тие пари завршиле некаде на друго место. Граѓаните кои со сите свои заштеди купиле станови во тие згради денес немаат документи за сопственост, немаат паркинг-места, а многумина живеат во згради без стабилна конструкција, рече Османи.

Според него, корупцијата и урбаната мафија се темелот на колапсот во општината. - Во Чаир имаме случаи каде што станбени згради се легализирани како хотелски апартмани, за да се плати само 7 евра наместо 140. Со тоа е направена милионска штета на буџетот, а Чаир е урбанистички задушен, нагласи Османи.

Османи го осуди процесот на организиран криминал што се одвивал со години, со директна вмешаност на општината и урбаната мафија. Најави јасна и строга политика на раздвојување на дивоградбите на граѓаните, и на инвеститорите што се збогатиле незаконски. 

- За социјалните градби и куќи нема да има проблем. Но, нова дивоградба, нова зграда без план, под моја надлежност, нема да има. И тоа го ветувам, дури по цена и на избори. Ако тоа не го прекинеме уште во првиот ден, Чаир целосно ќе колабира, истакна Османи.

Османи зборуваше и за долгогодишната злоупотреба на предметите за легализација, кои се користат како средство за политички уцени.  -Тринаесет илјади барања за легализација се држат во фиоки и се користат пред избори за уцени: ‘ако ни го дадете гласот, ќе ви ја легализираме куќата’. За шест месеци, таму каде што има правна основа, нема да остане ниту еден предмет. Не смееме да ги уценуваме граѓаните, изјави Османи.

Истакна дека токму тој стои зад најзначајните инфраструктурни и јавни проекти реализирани во Чаир во изминатите години, иако досега не бил дел од локалната власт.

- Спомнав само неколку проекти што јас ги правев од позиција на министер во Владата. Иако моите ангажмани беа Брисел, Вашингтон, НАТО, законот за јазици, сепак, јас ја имам направено најголемата градинка во Чаир, ‘Бамби’, која денес тие ја промовираат. Јас сум ја градел и гинекологијата во Чаир. Јас го донесов Универзитетот ‘Мајка Тереза’ во касарната ‘Илинден’, бидејќи директно сам преговарав за него со Армијата. Ние преку Владата обезбедивме еден милион евра за базенот во Чаир, 500 илјади евра за салата ‘Партизан’, а канализацијата во Серава е направена со парите од ТАВ, потенцира Османи.

Во однос на актуелниот градоначалник, Османи посочи дека Чаир со години е заробен од истата политика и истите лица, кои не успеале да донесат промени ниту со децении на власт. Тој порача дека Чаир има потреба од целосна промена на менталитетот и начинот на управување.

- Јас сум го докажал тоа во сите институции што сум ги водел. Ми велеа дека како доктор не можам да водам дипломатија, дека не може да се реши прашањето со името, дека не може да се донесе законот за јазици, но каде и да сум влегол, сум влегол со дисциплина, посветеност и верба дека може, рече Османи. аа/бак/

Фото: Бујар Османи 

Остани поврзан