• недела, 22 декември 2024

Бугарските социјалисти добија „жолт картон“ од ПЕС 

Бугарските социјалисти добија „жолт картон“ од ПЕС 

Брисел, 1 декември 2023 (МИА) – Партијата на европските социјалисти (ПЕС) најави преземање мерки против нејзината членка – Бугарската социјалистичка партија (БСП), по најавата дека таа планира формирање коалиција со проруски и националистички партии, јави дописникот на МИА од Брисел. 

- Доколку раководството на бугарската партија тргне по патот најавен во медиумските извештаи, тогаш ПЕС сигурно ќе преземе соодветни мерки, како во случајот во Словачка, изјави генералниот секретар на ПЕС, Џакомо Филибек. 

На почетокот на октомври, ПЕС ги суспендираше од членство словачките партии Насока – Словачка социјална демократија (Смер) на премиерот Роберт Фицо и Глас – Социјална демократија (Хлас) на Петер Пелегрини, откако формираа коалициска Влада со проруската, ултранационалистичка и десно популистичка Словачка национална партија (СНС). 

Според медиумски извештаи од Софија, зад формирањето на новиот лев националистички блок од 16 партии, предводен од БСП, наводно стои актуелниот бугарски претседател Румен Радев. Како членки на блокот, меѓу останатите, се посочуваат и проруската и националистичка партија  

Атака на Волен Сидеров, како и партијата Русофили за преродба на татковината (РВО) на Николај Малинов, против кого е покренато обвинение за шпионажа во корист на руски олигарси. 

БСП веќе во неколку наврати изнесуваше спротивни ставови од оние на ПЕС, спротивставувајќи се прифаќањето на Истанбулската конвенција за признавање на трет пол и на поддршката на испораката на оружје на Украина, а партиската лидерка Корнелија Нинова го поздрави формирањето на Владата на Смер и Хлас со СНС во Словачка. 

БСП нема да ја поддржи владата на Слави Трифонов, најави лидерот на партијата Корнелија Нинова, јави дописникот на МИА од Софија.

Политичкиот аналитичар Парван Симеонов за „Еурактив“ вели дека Нинова сака да се претстави како центар околу кој ќе се обединат левичарските и патриотските сили, носталгичарите кон комунистичкото минато и проруските елементи, но дека во суштина „главната врска на мрежата“ на овој блок е бугарскиот претседател Радев, кој сака да формира основа за неговата идна партија, што би ја формирал по истекот на неговиот втор претседателски мандат. 

- За две до три години, Радев ќе ја изгради својата политичка инфраструктура за да влезе во партиско-политичка игра. Тој не наликува на Фицо, туку повеќе на (унгарскиот премиер Виктор) Орбан, но со левичарски определби, смета Симеонов. 

Според него, одлуката на БСП за формирање на проруска националистичка коалиција е резултат на зајакнатата антизападна реторика. 

- Контраофанзивата на Украина досега беше неуспешна. На Запад се зборува за преговори со Русија, а Бугарија е земја која историски има проруски чувства, вели Симеонов, додавајќи новиот проруски политички блок ќе се обиде да ги придобие оние Бугари кои „се чувствуваат непретставени“ во сегашниот Парламент.  

Тој оценува дека актуелната Владата врши напорна работа преземајќи непопуларни мерки, поради што ја губи поддршката, а за тоа време Радев стои на страна и чека.  

Аналитичарот Димитар Ганев, пак, наведува дека БСП со години се оддалечува од вредностите на европските социјалистите, а нејзината лидерка Нинова сака многу повеќе да биде како Орбан, отколку како поранешниот претседател на Европарламентот Мартин Шулц или германскиот канцелар Олаф Шолц, и двајцата членови на Социјалдемократската партија на Германија (СПД). 

Претседателот на Бугарија, Румен Радев, свика за денеска состанок на Советодавниот совет за национална безбедност поради конфликтот меѓу Иран и САД.

Сепак, според него, човекот кој може да стане „бугарскиот Орбан“ е Радев, а не Нинова. 

- Има реална можност Радев да дојде на власт. Тој има уште три години од неговиот мандат како претседател. Ако во периодов нема парламентарни избори, работите му одат во прилог. Неговиот претседателски мандат треба да заврши во јануари 2027 година, а парламентарните избори ќе бидат пет месеци подоцна, оценува Ганев. 

Тој е сигурен дека Радев ќе учествува активно во политиката по завршувањето на неговиот претседателски мандат. 

- Радев веќе изгради сериозна кадровска мрежа преку преодните влади што ги именуваше. Оваа мрежа постојано го притиска со цел преку него да добие пристап до власта, смета Ганев. 

Според политикологот, по истекот на претседателскиот мандат, Радев многу веројатно ќе има истакната лидерска улога на бугарската левица, која, како што вели, за разлика од левичарските партии во Европа е општествено конзервативна, патриотски ориентирана и нема особено нагласен евроатлантизам.  

Во такви услови, Ганев оценува дека Радев би играл на картата на политички консензус за членството во ЕУ и НАТО, но нема да има толку силна про-НАТО позиција како сегашната Влада. - Нешто како Орбан, но во левиот спектар, заклучува Ганев. сп/

Фото: МИА Архива

Остани поврзан