• сабота, 23 ноември 2024

Бугарскиот Парламент не изгласа недоверба на Владата

Бугарскиот Парламент не изгласа недоверба на Владата
Софија, 21 јули 2020 (МИА) - Опозицијата не успеа да го добие потребниот број гласови за уште едно гласање недоверба на кабинетот „Борисов 3“ да биде успешно, јави агенцијата БГНЕС. За недоверба гласаа само пратениците од Бугарската социјалистичка партија (БСП), кои се баратели на гласањето и нивните колеги од Движење за права и слободи (ДПС), иако движењето официјално не ги поддржуваше мотивите за време на вчерашните двочасовни дискусии. Сепак, тие добија само 102 гласови.

Според БГНЕС, со консолидирани напори, владејачкото мнозинство на ГЕРБ и Обединети патриоти лесно успеа да го собере потребниот минимум од 121 пратеник за зачувување на интегритетот на Кабинетот. Против гласаа 124, а 11 беа воздржани. Темата повторно беше поврзана со корупцијата, како во првиот обид на левицата, а согласно Правилникот, гласање за недоверба на истата тема не може да се одржи во наредните шест месеци.

На вчерашната дебата не присуствуваше премиерот Бојко Борисов, кој беше во Брисел на Самитот на европските лидери. Немаше ниту двајца од тројцата министри чии оставки ги побара премиерот. Борисов не беше присутен ниту на денешното гласање.

- Премиерот денеска е во Бугарија, но тој повторно не е тука, рече Филип Попов од левицата.

Тој побара претседателката на Парламентот Цвета Карајанчева да го покани во салата. - Вчера премиерот беше отсутен не по негова волја затоа што учествуваше во Европскиот совет, каде преговараше за 29 милијарди евра за Бугарија. Денеска, и покрај неговата голема желба да биде тука, тој не може, бидејќи сè уште патува, одговори Карајанчева.

Двете вонредни седници на Националното собрание се одвиваа  наспроти постојаните антивладини протести, на кои граѓаните веќе две недели бараат оставка на целиот Кабинет. паг/

Остани поврзан