• петок, 05 декември 2025

Бугарската интернационалка Маги Чипова го засилува тимот на ЖКК ,,Патриот 2016" од Делчево

Бугарската интернационалка Маги Чипова го засилува тимот на ЖКК ,,Патриот 2016

Делчево, 30 јуни 2025 (МИА) – Женскиот кошаркарски прволигаш Патриот 2016 од Делчево денеска соопшти дека се засилува со бугарската интернационалка Маги Чипова.

Станува збор за 26-годишна кошаркарка со богато меѓународно искуство, висока 186 сантиметри, која покрива повеќе позиции – тројка, четворка и петка. Од клубот информираат дека нејзината флексибилност и искуство ќе претставуваат големо засилување за тимот во пресрет на новата сезона.

-Маги Чипова досега има настапувано за повеќе реномирани клубови во Бугарија и Европа, меѓу кои се Асеновец, Славија Софија, Септември Софија, Рилски Самоков, Спартак Пловдив, како и Аријано Ин Пино од Италија, велат од управата на клубот.

Со ангажманот на Чипова, КК Патриот 2016 испраќа јасна порака за сериозни амбиции во претстојната сезона.

-Маги е играч со искуство и огромен потенцијал. Веруваме дека ќе биде вистинско освежување во нашата игра и ќе ѝ помогне на екипата да ги исполни поставените цели. Ѝ посакуваме успешна сезона, многу победи и што повеќе заеднички успеси во дресот на Патриот, наведуваат од клубот.

Од Патриот 2016 најавуваат и дополнителни засилувања во периодот што следи. вс/лв/


 Фото: МИА

Остани поврзан