• петок, 22 ноември 2024

Бугарија има најголема стапка на смртност од бактерии отпорни на антибиотици

Бугарија има најголема стапка на смртност од бактерии отпорни на антибиотици

Софија, 23 ноември 2023 (МИА) - Проблемот со прекумерната употреба на антибиотици што доведува до антимикробна резистенција е исклучително сериозен во амбулантската нега, изјави заменик министерот за здравство на Бугарија, Михаил Околијски по повод Светската недела за подигање на свеста за антимикробна отпорност која се одбележува во периодот од 18 до 24 ноември.

Околијски посочи дека постои лоша практика неселективно да се препишуваат антибиотици.

-Луѓето можат слободно да ги купуваат и користат, дури и во коктели од два-три антибиотици, со оглед на тоа што антибиотиците не делуваат на вирусите. Овој проблем стана особено видлив за време на пандемијата Ковид-19, кога за оваа вирусна болест „антибиотиците, особено еден од макролидната група, масовно се препишуваа. Тоа доведе до уште поголема антимикробна отпорност, истакна тој.

Околијски цитира публикација во списанието Лансет од октомври 2022 година, според која Бугарија има највисока стапка на смртност од тотално отпорни на антибиотици бактерии - ешерихија коли и клебсиела пневмонија.

-Студијата покажува дека во просек 7,29 на 100 илјади луѓе умираат од ешерихија коли отпорна на антибиотици, а 4,59 на 100 илјади луѓе се смртни случаи од резистентна пневмонија Клебсиела, рече заменик министерот.

Антимикробната отпорност е причина за речиси пет милиони човечки смртни случаи само од бактериски инфекции секоја година, а инвестициите во истражување и развој на нови антимикробни средства се недоволни. Ова ја натера СЗО да ја назначи антимикробната резистенција како една од 10-те најголеми глобални закани за јавното здравје со кои се соочува човештвото. мс/

фото: МИА архива

Остани поврзан