• четврток, 04 декември 2025

Бројот на жртви од уривањето на училиштето во Индонезија се зголеми на 36

Бројот на жртви од уривањето на училиштето во Индонезија се зголеми на 36

Џакарта, 5 октомври 2025 (МИА) - Бројот на ученици кои загинаа во уривањето на зградата на исламски интернат во Индонезија се зголеми на 36,  соопшти денеска Агенцијата за ублажување на катастрофи.

Седми ден по ред продолжува потрагата по телата на 27 ученици кои сè уште се водат за исчезнати, претежно тинејџери на возраст меѓу 13 и 19 години, заробени под урнатините, објави агенцијата.

Распоредени се кранови за ископување на урнатините, а пребарувањето и евакуацијата се завршени 60 проценти, наведува ова владино тело, кое очекува до утре да бидат отстранети сите урнатини и да прогласи крај на потрагата по евентуално преживеани.

Училиштето Ал Хозини во градот Сидоарџо во покраината Источна Јава се урна минатиот понеделник, поклопувајќи стотици тинејџери за време на попладневната молитва откако темелите на зградата наводно не ја издржале тежината на структурата на четвртиот кат.

Спасувачите пред два дена добија дозвола од родителите да користат тешка опрема откако не успеаја да најдат знаци на живот за време на претходните напори. Спасувачите ископале тунели во остатоците од зградата, викајќи ги момчињата по имиња и користејќи сензори за да детектираат какво било движење, но не пронашле знаци на живот.сд/

фото: МИА архива

Остани поврзан