• понеделник, 23 декември 2024

Британскиот сој прави тешка клиничка слика за нецели три дена, вели Караџовски

Британскиот сој прави тешка клиничка слика за нецели три дена, вели Караџовски
Скопје, 26 март 2021 (МИА) - Претседателот на Комисијата за заразни болести Жарко Караџовски вечерва на гостувањето во телевизија Канал 5 изјави дека разликата меѓу овој пик на вирусот со претходните бранови е во тоа што сега е присутен британскиот сој на вирусот кој се шири за 50 до 70 проценти побрзо и има поголем број на хоспитализации. - Кај нас со сигурност ги имаме чешкиот и британскиот сој. Овој британски сој во 24 до 48 часа се развива клиничка слика која е навидум лесна, меѓутоа воспаление на бели дробови и тешка компликација се прави за нецели три дена. Ако некогаш велевме дека инкубацијата трае до 14 дена, сега е три до пет дена. Клиничката слика може да се појави нагло, во мал временски период со навидум лесни симптоми и со многу потешка компликација прво на белите дробови, но имаме мултисистемско зафаќање од глава, срце, црн дроб, бубрези до оштетување на крвните садови. Значи мултисистемско зафаќање од „чудовиште“ , рече Караџовски. Оцени дека има широка трансмисија на вирусот, но оти засега здравствениот систем има капацитет да издржи. Во моментов, како што образложи, најдоминантен е вирусот кај категоријата на граѓани од 30 до 39 години. - Младите од 30 до 39 години се доминантна група каде се шири вирусот бидејќи тие излегуваат од дома, се дружат, не ги почитуваат некаде мерките, и проблемот е во тоа што повеќето стануваат позитивни и вирусот го носат дома, рече Караџовски. Посочи дека се намалува бројот на хоспитализации од 40 до 50 години, но се зголемува бројот на хоспитализации од 30 до 39 и над 60 години. Смета дека мерките се добри, но апелираше до граѓаните да се придржуваат до мерките за заштита од вирусот. бак/нд/  

Остани поврзан