• петок, 22 ноември 2024

Бојчева-Терзијан од Народната банка: Растот на зелените финансии ‒ поддршка на енергетската транзиција на економијата 

Бојчева-Терзијан од Народната банка: Растот на зелените финансии ‒ поддршка на енергетската транзиција на економијата 

Скопје, 28 мај 2023 (МИА) - Директорката на Секторот за монетарна политика, истражување и статистика при Народната банка, Султанија Бојчева-Терзијан, учествуваше на бизнис-форумот „Економски перспективи за предвидлив развој“ во организација на агенцијата „Марили“ на кој што беа обработувани теми кои се однесуваат на одржливата економија, особено енергетските предизвици како нови можности во економијата, како и политиките и моделите за одржлив развој на земјоделството и прехранбената индустрија. 

Во својата презентација под наслов „Што ја очекува македонската економија во следниот период? – поглед преку пролетните макроекономски проекции на централната банка“, Бојчева-Терзијан се осврна на тековните состојби, како и на очекувањата за економијата за годинава и на среден рок, во согласност со последниот, мајски циклус макроекономски проекции на Народната банка.

Во контекст на енергетските предизвици, Бојчева-Терзијан го истакна влијанието на енергетската криза врз екстерната позиција во земјава, како и врз инфлацијата во 2022 година. Во следниот период, имајќи ги предвид очекувањата за значително намалување на светските цени на енергијата и храната, можно е позначително намалување на трговскиот дефицит и на ценовните притисоци, односно нивна стабилизација на нивоата како и пред кризата. Затоа, треба да му се посвети внимание на поттикнувањето на зелените финансии, како дел од заложбите за зелената транзиција.

-Преку осмислување зелени финансиски продукти и канализирање на ресурсите во зелени инвестиции, финансискиот сектор може да даде значителна поддршка на енергетската транзиција на економијата, истакнува Бојчева-Терзијан, се вели во соопштението од Народната банка.

Во моментов, учеството на зелените финансии е релативно мало, но банките сѐ повеќе се посветуваат на зелените кредити, коишто се значаен иден потенцијал за финансирање проекти за животната средина и воопшто, за одржлив раст. Народната банка воспостави редовен систем за прибирање подетални податоци за зеленото финансирање.

-Податоците од банките за одобрените кредити за зелено финансирање покажуваат дека зеленото кредитирање бележи постојан раст и на крајот на 2022 година, во споредба со 2019 година, е зголемено за 114%. Вкупниот износ на зелените кредити на крајот на 2022 година изнесува околу 250 милиони евра. Тие учествуваат со 3,6% во вкупните кредити, но нивното учество постојано се зголемува. Зелените кредити им се одобруваат и на претпријатијата, и на населението, но претежно на претпријатијата, посочи Бојчева-Терзијан. 

Народната банка, се вели во соопштението, презеде повеќе активности за поттикнување на зеленото финансирање изминатите неколку години.

-Во рамките на монетарните мерки е донесена одлука за промена кај инструментот за задолжителна резерва, со која се поттикнува кредитирањето на проектите поврзани со домашното производство на електрична енергија од обновливи извори, а се подготвува и Стратегија за активностите на Народната банка во доменот на управувањето со климатските ризици, наведе Бојчева-Терзијан. 

Бизнис-форумот е дел од манифестацијата „Избор на најуспешни жени менаџери“, којашто се одржува 27 години по ред и има за цел да ја зголеми јавната свест за придонесот што го дава жената и што може да го даде во развојот на општеството и на економијата. аа/

Фото: НБРСМ

 

Можно е и ова да ти се допаѓа

Остани поврзан