• понеделник, 23 декември 2024

Бочварски: Годинава треба да се среди техничката документација за реконструкција на мостот на Вардар, кај Башино Село, во 2022 ќе биде еден од приоритетите

Бочварски: Годинава треба да се среди техничката документација за реконструкција на мостот на Вардар, кај Башино Село, во 2022 ќе биде еден од приоритетите

Велес, 14 април 2021 (МИА) - Реализација на започнување на реконструкција на руинираниот и дотраен  мост на Вардар, кај Башино Село, на влезот во Велес, е исклучително тешко да започне оваа година, заради некомплетна проектна документација и немање на техничка документација. Потоа, ќе следат тендерски постапки, одобрение за градба, односно за реконструкција, а дури потоа ќе може да се започне со реализација на реконструкцијата на мостот, појасни при денешната посета на Велес, министерот за транспорт и врски, Благој Бочварски, одговарајќи на новинарско прашање дали годинава ќе се реконструира  руинираниот мост стар 50 години, на реката Вардар кај Башино Село, на влезот во Велес, а чија состојба од ден во ден е сè поалармантна.

- Не верувам дека оваа 2021 година ќе започне реконструкцијата на овој мост, но, во 2022, секако, ќе биде еден од приоритетите, најави министерот Бочварски.

Одговарјќи на новинарско прашање, Бочварски појасни дека за каква било репарација или реконструкција, или, каков било градежен зафат е потребна некаква документација, одобрение за градба.

- Никој нема да пристапи да влезе и реконструира нешто со што можеби ќе ја наруши статичката стабилност на тој објект, појасни Бочварски.

Инаку, Општина Велес веќе изработи и достави техничка документација за овој мост која и ја има доставено до ЈП за Државни патишта и истата таму се разгледува.

- Доколку има потреба од некакво допроектирање или изработка на нов проект, тоа ќе го одработи ЈП за државни патишта, а, потоа ќе се влазе со санација и реконструкција на тој мост, појасни министерот Бочварски.
 
Инаку, локалната власт од август 2018 година, алармира до државната власт за итна санација на мостот, а таа ветуваше дека истиот ќе биде приоритетен за санација во 2019, па 2020 и 2021 година, но, досега не е реализирано ништо од најавената санација на мостот. 
Стручњаци од Градежниот Факултет од Скопје и од Заводот за испитување на материјали, кои беа најмени да извршат испитувања на мостот уште во август 2018, пред 2 години и осум месеци, уште оттогаш алармираат за лошата состојба на мостот.
- Мостот бил изграден пред точно 50 години. Во 1971 година од тогашната ЈНА бил времен а не траен мост, и како таков веќе опстојува 50 години и неговата состојба секој ден е сè полоша, а може и да се сруши, алармираат стручњаците.

Проф Елена  Думова Јованоска од Катедрата за теорија на конструкции на Градежниот факултет во Скопје уште во август 2018  за медиумите  појасни дека припадниците на ЈНА со цел побрзо да го изградат мостот искористиле систем на набивање на колови или шипови и не ги потполниле со бетон и затоа на столбовите е видливи и со голо око  дека има оштетувања.

Според стручњаците, вакви конструкции со толку мали распони од столб до столб, повеќе не се градат, а што создава посебни проблеми во зимскиот период и кога има големи поројни дождови, затоа што големиот водостој на Вардар носи стебла. Затоа, екипи формирани од локалната власт во тие вонредни состојби мора нон стоп да дежураат на мостот и да ги извлекуваат гранките и столбовите, за да истиот не се сруши. Воедно, мостот е низок и при висок водостој на Вардар останува само половина метар од мостовската конструкција до нивото на водата на реката.

Според мерењата на Заводот за испитување на материјали, во август 2018 година, во текот на еден час по овој мост поминале 39 шлепери, 43 полесни товарни возила и комбиња и 250 автомобили. ад/ар/

 

Остани поврзан