• понеделник, 23 декември 2024

Бочварски: Ако изборот на консултант за коридорите 8 и 10 биде успешен, в година ќе почне работата на терен

Бочварски: Ако изборот на консултант за коридорите 8 и 10 биде успешен, в година ќе почне работата на терен
Штип, 12 октомври 2022 (МИА) - Постапката за избор на надзор и консултант за коридорите 10 и 8 е во тек, а по нејзино затворање, Јавното претпријатие за државни патишта ќе ја информира Владата за тоа колку компании се во игра да го добијат тендерот, информира денеска министерот за транспорт и врски Благој Бочварски. Министерот Бочварски појасни дека доколку постапката е успешна, тогаш ќе почне фазата на преговори помеѓу консултантската куќа и компанијата „Бехтел и Енка“, после што ќе се влезе во постапка за реализација на овие автопатски делници. Прашан на која делница прво ќе се работи, Бочварски рече дека прво треба да се избере консултантската куќа и да се влезе во преговори, но според него доколку на делницата од Гостивар кон Кичево нема многу земјиште кое е приватно, таму треба да се оди со побрзо отпочнување на градежните работи. - Делницата од Гостивар кон Кичево ќе оди по сосема нов терен и сметам дека таму ќе имаме можност доколку нема многу земјиште коешто е приватно, да се оди со побрзо стартување на градежните работи. Исто така, и за делниците Прилеп - Битола и Тетово - Гостивар. Важно е да се решат имотно-правните прашања се со цел градежните работи да поминуваат непречено, рече Бочварски. Инаку, на повторената постапка за избор на надзор и консултант за автопатите што ќе ги гради конзорциумот „Бехтел и Енка“ ќе може да се доставуваат понуди до 17 октомври, а по 30 дена ќе се избира најповолниот понудувач. - Огласот за Јавната набавка за Надзор и правен трансакциски советник за изградба на Коридор 8 и Коридор 10 Д  е објавен на 15.9.2022 година и доставувањето на понудите е најдоцна до 17.10.2022 година во 11:00 часот, по што ќе се одржи јавното отворање на понудите во Јавното претпријатие за државни патишта. По отворањето на понудите ќе следува период од 30 дена за евалуација и избор на најповолен понудувач. Целата постапка, нагласуваат оттаму, се одвива согласно со Закон за јавни набавки и роковите предвидени со нив, информираа за МИА од ЈПДП. Како што изјави претходно министерот Бочварски, по заокружувањето на новата постапка за избор на надзор и консултант за автопатите, се очекува подготвителните работи да завршат до крајот на годината, а по проектирањето и експропријацијата во текот на следната година да има работа на терен. Со огласот на ЈПДП се избира консултант и надзор што ќе ја следи градбата на автопатските делници Тетово - Гостивар, Гостивар - Кичево и Требениште – Струга - Ќафасан на Коридорот 8, како и Битола – Прилеп на Коридорот 10 Д од страна на конзорцоумот „Бехтел и Енка“. Првиот тендер за избор на надзор за овој проект пропадна откако избраната компанија не ја достави банкарската гаранција. мс/вдј/

Остани поврзан