Борец со победа над првакот Струмица
- Екипата на Борец му го зададе првиот „удар“ на шампионот Струмица сезонава во Првата машка лига, откако славеше пред својата публика со 3:2 во дуелот од 4.коло од првенството
Велес, 9.ноември 2025 (МИА) – Екипата на Борец му го зададе првиот „удар“ на шампионот Струмица сезонава во Првата машка лига, откако славеше пред својата публика со 3:2 (25:18, 20:25, 19:25, 25:22, 15:10) во дуелот од 4.коло од првенството.
Во дуел со многу надмудрувања, пресврти и подеми и падови во двата табора велешкиот тим остана фокусиран кога беше најпотребно. Прво за да се врати од негатива од 1:2, а потоа во „тај-брејкот“ да се избори за комплетен пресврт и победа, која е прва по 15 години над струмичкиот ривал.
Одбојкарите на Лирија, пак, исто така одиграа интересен дуел со Весна Пробиштип, во кој победникот беше решен во пет сета. И на оваа средба домаќинот најде решение како да се врати во игра и покрај тоа што губеше со 1:2, а потоа и да стигне до победа.
Македонија Џио и Штип УГД запишаа сигурни победи на гостувањето кај Шкендија, односно Скопје.
Четвртото коло кај мажите ќе биде комплетирано во текот на следната недела Јанта Волеј – Сушево играат в понеделник, додека во вторник е предвиден мечот меѓу Работнички 71&22 и Универзитет во Тетово. мн/
Фото: ОФМ