• понеделник, 23 декември 2024

Борел во посета на Оман на средба на Советот ЕУ-ГЦЦ 

Борел во посета на Оман на средба на Советот ЕУ-ГЦЦ 

Брисел, 9 октомври 2023 (МИА) - Високиот претставник на ЕУ за надворешна политика и безбедност Жосеп Борел денеска официјално ја почнува тридневната посета на Оман, во чии рамки ќе учествува на министерски состанок на Советот за соработка на Европската Унија и Советот за соработка во Персискиот Залив (ГЦЦ). 

За денеска е предвидено Борел да одржи предавање на Оманскиот колеџ за национална одбрана во Мускат, да ја посети шпанската фрегата „Навара“, која е вклучена во операцијата „Аталанта“ на воените морнарици на членките на Европската Унија, како и да има средби со дел од учесниците на средбата на Советот за соработка ЕУ-ГЦЦ. 

Борел заедно со оманскиот министер за надворешни работи Саид Бадр бин Хамад Ал Бусаиди утре ќе претседаваат со 27-от состанокот на Советот за соработка ЕУ-ГЦЦ, на кој ќе учествува и еврокомесарот за управување со кризи Јанез Ленарчич. 

На последниот ден од посетата на Борел на Оман, предвидени се негови билатерални средби со дел од претставниците на земјите членки на Советот за соработка во Персискиот Залив (ГЦЦ). 

Вчера, пред заминувањето за Мускат, Борел на платформата Х објави дека ЕУ и земјите од Персискиот Залив имаат многу заеднички предизвици кои бараат блиска соработка, вклучувајќи ги и „трагичните последици од нападот на Хамас врз Израел“. - Треба да продолжиме да работиме за мир, заедно, наведе Борел во објавата. сп/

Фото; МИА Архива

Остани поврзан