• недела, 22 декември 2024

Богоев: Царината ефикасен сервис на македонското стопанство

Богоев: Царината ефикасен сервис на македонското стопанство

Скопје, 2 февруари 2024 (МИА) - Одобренија за царинско складирање, увоз за облагородување, стекнување на статус за одобрен извозник и статус за овластен економски оператор, се само дел од мерките што се спроведуваат со цел зголемување на конкурентноста на македонското стопанство и зголемување на вработеноста, потенцираше директорот на Царинска управа Стефан Богоев при посетата на македонската компанија за производство на сувомеснати производи „Пекабеско“, се наведува во соопштението на Царина.

Богоев посочил дека многу значајно за македонските компании, вклучително и „Пекабеско“ е и мерката за признавање на белешките за мерење со Србија, која се применува од вчера.

-„Пекабеско“ на пример најмногу извезува во Босна и Херцеговина, при што почнувајќи од вчера нивните камиони се мерат на излез од Македонија и потоа дури на влез во Босна, потенцирал Богоев.

Тој истакнал дека континуираниот дијалог со бизнис заедницата овозможува креирање нови и унапредување на постојните мерки што се спроведуваат за олеснување на трговијата.

-Царинската управа како сервис на стопанството, преку партнерски однос со македонските компании и понатаму посветено ќе работи на реализација на конкретни мерки и проекти се со цел - заштеда на време, ресурси и трошоци за компаниите, што ќе обезбеди конкурентска предност на македонското стопанство на меѓународниот пазар, повеќе работни места и повеќе приходи во Буџетот“, истакнал Богоев.

Генералниот директор на „Пекабеско“, Слободан Кутревски, како што се наведува во соопштението, нагласил дека Царинската управа е најголем партнер на компанијата со која имаат 33-годишна соработка.

-Минатата година како вкупни давачки кон Царинската управа биле исплатени акцизи за цигари и алкохол 180 милиони денари, а за храна и ДДВ 37 милиони денари, односно некаде 220 милиони вкупно. Носители сме на неколку одобренија кои нам ни овозможуваат многу лесно да ги извршуваме обврските за увоз и извоз без големи формалности, но од друга страна имаме обврски да бидеме исправни во извршувањето на обврските, рекол Кутревски додавајќи дека партнерскиот однос резултира и со поголема доверба кај бизнис партнерите и можности за соработка.

Од Царинската управа посочуваат дека во рамки на своите стратешки приоритети е силно посветена кон спроведување мерки за олеснување на трговијата и забрзана интеграција во ЕУ. фф/ац/

Фото: Царинска управа

Остани поврзан