• недела, 22 декември 2024

Богоев: Поефикасно менаџирање на пратките со мала вредност со цел сузбивање на сивата економија

Богоев: Поефикасно менаџирање на пратките со мала вредност со цел сузбивање на сивата економија

Скопје, 19 септември 2023 (МИА) - Поефикасно менаџирање и поголема контрола на пратките со мала вредност на царинската испостава на аеродромот во Скопје, кои ги пренесуваат брзите пошти, со цел намалување на сивата економија, е еден од приоритетите за коишто се разговараше при денешната посета на директорот на царинската управа Стефан Богоев и заменик-директорот на царинска испостава Аеродром - Скопје Муарем Асани , соопштија од Царинската управа.

Богоев на средбата ги истакнал заложбите Царинската управа да прерасне во ефикасна институција, преку посветеност на царинските службеници при извршување на своите задачи во насока на намалување на сивата економија, заштита на финансиските интереси на државата и безбедност на општеството, како и заедничките заложби за спречување на корупцијата, како еден од најголемите приоритети на Управата.

За седум месеци, од јануари до јули оваа година, на царинска испостава Аеродром биле обработени околу 105 илјади царински декларации за увоз и извоз, а низ царинска контрола поминале 1,5 милиони патници.

Богоев ги истакнал позитивните резултати од работата на царинските службеници во спроведените акции годинава, посочувајќи ги заплените на 43 килограми златен накит, стари монети со проценета вредност од над 2,3 милиони денари, девизи во вредност од 90 илјади евра, како и обврзници со номинална вредност од 92 милиони долари, кои во моментов се предмет на финансиска истрага. бд/лв/

Фото: Царинска управа

Остани поврзан