Богески: Крушевските староградски куќи со уникатни апликации на познатите зографи го збогатуваат културното наследство
- Крушевската староградска архитектура е уникатна и изобилува со уметнички апликации на фронталниот дел од куќите на видните крушевчани, а ги изработувале познатите крушевски зографи. Историскиот музеј од Крушево истражува и документирал преку 80 апликации на куќите, но останале само 30-тина. Апликациите на лавови, кози, митски суштества, грифони, до некој степен се блиску до грбовите и ја нагласуваат уникатноста.
Крушево, 4 август 2024 (МИА) – Крушевската староградска архитектура е уникатна и изобилува со уметнички апликации на фронталниот дел од куќите на видните крушевчани, а ги изработувале познатите крушевски зографи. Историскиот музеј од Крушево истражува и документирал преку 80 апликации на куќите, но останале само 30-тина. Апликациите на лавови, кози, митски суштества, грифони, до некој степен се блиску до грбовите и ја нагласуваат уникатноста.
– Станува збор за една ретка специфика, иако староградската архитектура често е уметнички украсувана со цртежи и апликации. На фронтонот од крушевскиот тимпанон кој е еден вид, врв на фасадата, како уметност која се издигнува кон покривот, се нацртани различни видови апликации, од библиски сцени, до различни креации, во зависност од сопственикот. Сите тие се дело на крушевските зографи, или се познати како самарици. Тоа име е добиено од зографите од Крушево кои потекнувале од селото Самарина, од Епир. Староградската архитектура во Крушево изобилувала со такви апликации, но за жал денес се сочувани само 30-тина. Во нашето проучување ние успеавме да документираме близу 80, според сочувани фотографии. Ги проучувавме детално. Не станува збор за директно хералдички апликации со сите хералдички карактеристики, туку станува збор за апликации од кои некои се близу, до некој степен, до грбови. На розетите се испишани иницијали или монограми од сопствениците или од тие што ги граделе. Но, дефинитивно тоа се дело на крушевските зографи. Тоа е специфика само за Крушево. Паралели има само во Пловдив, Бугарија, каде работеле крушевските зографи, и во Тетово, вели Зоран Богески, историчар од Историски музеј Крушево.
Музејот истражува зошто сопствениците ги избирале мотивите за украсување. Останува отворено прашањето дали тоа е поврзано со дејноста или одреден занает. Но уникатноста е документирана и забележана и со посебниот пример на познатото семејство Секуловци.
– Успеавме да најдеме еден опис на апликација. Станува збор за фамилијата Секуловци, исклучително историски значајна фамилија која се вградила во повеќе периоди од нашата историја, пред преродбата, во периодот на преродбата и во периодот од револуционерното движење, па можам да кажам, и до АСНОМ. На нивната куќа, на куќата на Веле Секулов, која е урната околу 1993 година, бил аплициран штрк кој носи глобус. Ако се знае нивната револуционерна, просветителска и преродбенска дејност како фамилија, тоа буквално значи преродба. Ние не може да знаеме дали тоа е директна врска или случаен избор. Тоа е сочувано во описот во Крушевската хроника на авторот, крушевчанец, Бранко Благоески, објаснува Богески.
Крушевската староградска архитектура е заштитено културно наследство. ем/ра/
Фото: МИА