• петок, 05 декември 2025

Богата програма за кумановци подготви НУ Музеј Куманово по повод Европски денови на културно наследство

Богата програма за кумановци подготви НУ Музеј Куманово по повод Европски денови на културно наследство

Куманово, 23 септември 2025 (МИА) - Националната установа Музеј Куманово подготви богата програма во рамки на „Европски денови на културно наследство“, информираа денеска од установата.

- „Европски денови на културно наследство“, почнуваат денеска, а завршуваат на 29 септември годинава. Програмата е разновидна, наменета за сите возрасти. Темата на годинашното одбележување е „Архитектонско наследство: Прозорец кон минатото – врата кон иднината“. Едукативни работилници, филмови, изложби се предвидени во рамки на програмата, отворени сме за сите заинтересирани и ја повикуваме публиката да ги проследи, изјави директорката на установата, Марија Живачки.

Денеска се одржа едукативната тура „Чекори и приказни“, при што учениците се запознаа со приказните за најпознатите градби од Куманово забележани во колективната меморија на кумановци.

- Шетајќи низ старите градски маала почнувајќи од најстарата Варош маала со посета на џамијата како најстар сочуван објект од културно значење, преку Занаетчискиот дом до тумбата, Старата црква и хотел Солун … се надеваме дека успеавме барем за кратко да ве вратиме во минатото, потсетувајќи ве дека старите градби не се обични камени ѕидови туку сведоци за нашиот идентитет, велат стручните соработници од музејот.

Покрај работилницата „Чекори и приказни“, ќе се одржи и работилницата „Мотиви и приказни: Архитектура на старо Куманово со ВИ“. Кумановци ќе имаат можност да го проследат и етнолошки филм „Макраме“, во четвторк е работилницата „За занаетите со младите“. Долгометражен етнолошки филм „Последна карта“ по сценарио: на м-р Анита Стојчевски, кустос советник етнолог ќе се одржи во петок во лапидариумот во НУ Музеј, Куманово. Деновите се затвораат со изложба „Ликовна колонија Куманово 2024“. ам/дма/


Фото: МИА

Остани поврзан