Блумберг: Путин нуди прекин на огнот во замена за целосна контрола врз Донбас
- Рускиот претседател Владимир Путин предложил да ги запре нападите и да ја замрзне фронтовската линија во Украина доколку Киев ѝ предаде на Русија целосна контрола врз Донбас, објави Блумберг.
Вашингтон, 16 август 2025 (МИА) - Рускиот претседател Владимир Путин предложил да ги запре нападите и да ја замрзне фронтовската линија во Украина доколку Киев ѝ предаде на Русија целосна контрола врз Донбас, објави Блумберг. Според информациите, Путин го изнел овој услов на средбата со американскиот претседател Доналд Трамп во Алјаска. Трамп потоа го информирал украинскиот претседател Володимир Зеленски, како и европските лидери.
Донбас се состои од двете источни украински области – Доњецк и Луганск – индустриски регион во кој од 2014 година се водат борби, по руската анексија на Крим и вооруженото преземање на делови од регионот од страна на проруски сили. Непосредно пред целосната инвазија во 2022 година, Путин ги прогласи целите региони Донецк и Луганск за „независни“.
Во моментот ситуацијата на терен е различна: Луганск е речиси целосно под руска окупација, додека во Доњецката област околу 70 проценти се под руска контрола, а 30 проценти остануваат под Украина. Западниот дел од Доњецк е клучен за одбраната на Украина, каде се наоѓаат утврдените градови Краматорск и Словјанск. Нивниот можен пад би ѝ овозможил на Русија постепено да ја заземе целата област.
Западните медиуми наведуваат дека Путин му кажал на Трамп оти Русија би прифатила прекин на борбите на останатите делови од фронтот и „замрзнување“ на сегашните линии доколку добие целосна контрола над Донбас. Тоа би значело дека Москва ќе го задржи и најголемиот дел од окупираните територии во областите Херсон и Запорожје. Според западни медиуми, Зеленски веќе го одбил овој план во разговор со Трамп и европските лидери.
Таквиот договор би значел Украина да се откаже од територии што сè уште не се окупирани, со што Русија де факто би го добила целиот Донбас. ссм/
фото: архива