• понеделник, 23 декември 2024

Блинкен: НАТО е најдобра гаранција против војната и осигурувањето колективна безбедност 

Блинкен: НАТО е најдобра гаранција против војната и осигурувањето колективна безбедност 

Брисел, 3 декември 2024 (МИА) - Најдобар начин да одвратиме каква било агресија е да обезбедиме посилна, поголема и порешителна Алијанса, порача американскиот државен секретар Ентони Блинкен пред почетокот на дводневниот состанок на шефовите на дипломатиите на НАТО во Брисел, на кој учествува и министерот за надворешни работи и надворешна трговија Тимчо Муцунски.  

- Причината зошто толку многу земји инвестираат во Алијансата, причината зошто нови членки, како Шведска и Финска, и се придружија на Алијансата и причината поради која Алијансата е посилна од кога било досега, е тоа што сите добро знаеме дека таа е најдобра гаранција против војната и најдобар начин да спречиме конфликт и да ја гарантираме нашата колективна безбедност, изјави Блинкен, кој беше придружуван од генералниот секретар на НАТО, Марк Руте. 

Според Блинкен, со зачленувањето во НАТО секој сојузник се обврзува дека нападот врз еден од нив е напад врз сите и затоа секој потенцијален агресор треба да знае дека ако нападне една земја од Алијансата ќе мора да се соочи со сите членки.     

Тој нагласи дека во изминативе четири години земјите од НАТО беа насочени кон негово зајакнување преку прием на нови членки и ангажирање ресурси и средства, како и преку поддршката на Украина во одбрана од руската агресија и во справување со другите предизвици. 

Говорејќи за состојбата во Украина, Блинкен потенцира дека рускиот претседател Владимир Путин одново се обидува да ја користи зимата како оружје, напаѓајќи ја украинската енергетска инфраструктура со цел да ги остави луѓето да се смрзнуваат и да седат во темница. 

- Нема да дозволиме тоа да се случи и остануваме посветени на тоа, истакна Блинкен. 

Руте, од своја страна, нагласи дека на НАТО му е потребно лидерството на САД за справување со предизвиците со кои што се соочува, вклучително и со тешката ситуација на бојното поле во Украина и зајакнатата „руска агресија врз сојузниците“. 

- Мора да направиме се што можеме за да обезбедиме поголема воена помош за Украина, изјави Руте, заблагодарувајќи им се при тоа на САД, Германија, Шведска, Естонија, Литванија и Норвешка за најавената воена помош за земјата. 

Според Руте, оваа помош е особено важна во услови кога доаѓа зимата и имајќи ја предвид состојбата со енергетската инфраструктура на Украина. 

Состојбата во Украина ќе биде главна тема на денешното заседание на Советот НАТО-Украина во форма на работна вечера, на која ќе учествуваат и шефот на украинската дипломатија Андриј Сибиха и новата висока претставничка на ЕУ за надворешни работи и безбедносна политика Каја Калас.  

Министерскиот состанок на НАТО ќе започне со заседание на Северноатлантскиот совет на ниво на шефови на дипломатии посветено на тековниот конфликт на Блискиот Исток и неговото влијание врз евроатлантската безбедност, на кое ќе учествува и јорданскиот крал Абдула Втори. сп/

Фото: НАТО

 

Остани поврзан