• петок, 22 ноември 2024

Протест на лекарите специјализанти, во тек состанок со претставници на Министерството за здравство

Протест на лекарите специјализанти, во тек состанок со претставници на Министерството за здравство

Скопје, 27 март 2024 (МИА) - Лекарите специјализанти кои денеска протестираат пред Министерството за здравство побараа итна средба со министерот за здравство со цел решавање на нивните барања. Во моментот, во тек е состанок со претставници на Министерството.

Специјализантите бараат регулирање на работниот статус, покачување на месечниот надоместок и здравствено осигурување за сите специјализанти. 

- Доколку министерот и понатаму остане глув на барањата на повеќе од 400 лекари на специјализација, ќе гледаме чести репризи на денешниот протест. Ние нема да запреме се до исполнување на секое барање. На крај би сакала оваа изјава да ја завршам со зборовите на еден музички композитор кој неодамна почина - Мораме да се бориме за секој милиметар нормалност. Тоа ни е неопходна борба, изјави докторка Александра Георгиева, претседателка на Здружението на лекари специјализанти.

Од протестот беше побарано покачување на платата на приватните специјализанти согласно просечната плата за тековната година која изнесува 39 800 денари, повторно воведување на бесплатното здравствено осигурување за сите приватни специјализанти и навремена исплата на дежурствата со секоја тековна плата.

Здравственото осигурување за време на Ковид-19 пандемијата, како што посочи Георгиева, било воведено од тогашниот министер Венко Филипче, но пред околу година и пол било укинато без образложение од МЗ.

- Кога станува збор за моменталната плата од 26.000 денари на еден приватен специјализант, ако бидеме објективни и ја одземеме ратата што месечно се плаќа во Деканатот на Медицинскиот факултет, на тој специјализант му остануваат околу 12.000 денари за да може да функционира и да преживее, посочи Георгиева.

Георгиева рече дека приватни специјализанти не постојат во најголем дел од западноевропските земји и дека приватната специјализација е автохтон феномен само за Балканот и моментално ги има само во Албанија и Косово. бд/бак/

Фото: МИА
 

 
 

 

 

Остани поврзан