• недела, 22 декември 2024

Благодарница на волонтерите во државата им додели македонскиот Црвен крст по повод 5 Декември – Светскиот ден на волонтерството

Благодарница на волонтерите во државата им додели македонскиот Црвен крст по повод 5 Декември – Светскиот ден на волонтерството

Скопје, 5 декември 2024 (МИА) – Со пригодна свеченост под мотото „Во заштита на хуманоста“ македонскиот Црвен крст денеска го одбележа 5 Декември – Светскиот ден на волонтерството.

На свеченоста присуствуваа над 150 волонтери и активисти од сите општински и организацијата на Црвен крст на Скопје, при што им беше врачена благодарница за нивниот придонес и улогата што ја имаат во јакнењето на општествената заедница.

-Волонтерството почнало уште со формирањето на нашата организација, а денес, 166 години подоцна, волонтерската служба сѐ уште ја претставува суштината на нашето работење и е еден од седумте основни принципи на Движењето. Над 16 милиони волонтери во светот секоја година активно се вклучени во активностите на националните друштва на Црвен крст и Црвена полумесечина, односно на секои илјада жители на планетата двајца се волонтери. Тие придонесуваат светот да биде поубаво и побезбедно место за живеење за многу луѓе кои се исправени пред социјални, здравствени и други предизвици, истакна претседателот на Црвен крст на РСМ, Ромел Велев.

На одбележувањето на Светскиот ден на волонтерството беше нагласено дека во изминатите години над 4.000 волонтери активно се вклучени во програмите на македонскиот Црвен крст. За нив се развиваат нови, пофлексибилни, отворени и комплементарни приоди заради создавање поефикасна мрежа на хуманитарни работници кои се активираат за општото добро во државата.

Свеченоста со свои настапи ја збогатија волонтери од различни генерации со сопствени искуства од работењето во Црвен крст, како и студенти од Факултетот за музичка уметност од Скопје, кои исполнија класични и фолклорни дела. та/дма/

Фото: МИА

Остани поврзан