• петок, 22 ноември 2024

Битиќи: Секој граѓанин е важен, направени се сериозни напори за зачувување на секое работно место

Битиќи: Секој граѓанин е важен, направени се сериозни напори за зачувување на секое работно место
Скопје, 4 март 2021 (МИА) - Вицепремиерот за економски прашања, координација на економските ресори и инвестиции Фатмир Битиќи денеска оствари две одделни средби со претставници на Стопанската комора за фотографска и видео дејност и на Здружението на туристички водичи. На двете средби, како што соопшти Кабинетот на вицепремиерот, се разговарало за актуелните случувања во овие дејности при што од страна на вицепремиерот било посочено дека секој граѓанин е важен и дека во овој кризен период Владата направила сериозни напори за зачувување на работните места во сите дејности.

На состанокот со Стопанската кoмора за фотографска и видео дејност, која е формирана неодамна, се разговарало за тоа како оваа дејност да се подигне на повисоко ниво од сегашното, преку формализирање на лицата кои работат надвор од легалните системи во оваа дејност, истовремено поттикнувајќи ја здравата конкуренција, што ќе резултира со дополнително подигнување на квалитетот на фото и видео продукцијата и пониски цени за крајните потрошувачи.

- На тој начин во добивка би биле сите, и фото и видео продукциите кои би имале здрава конкуренција со соодветни цени за услугите, државата, но и граѓаните кои би добиле поквалитетни услуги со претходно познати цени, се наведува во соопштението.

На средбата со туристичките водичи се разговарало за актуелните состојби во туризмот, како и за спецификите на оваа дејност, која е регулирана според регулативата за туризам и која треба да се дорегулира во делот кој има низа ограничувања.

- Станува збор за специфична дејност, која е важна за промоција на културното наследство и богатство на нашата земја и туристичките водичи и придружници треба да бидат препознаени како туристички амбасадори на нашата земја. Важно е да се одржи оваа дејност, која по завршување на корона-кризата, особено од здравствен аспект, би можела да влијае на подобрување на туристичката понуда и севкупните туристички услуги и промоција на Република Северна Македонија, стои во соопштението од Кабинетот на вицепремиерот. бак/сп/

Остани поврзан