• недела, 22 декември 2024

Бислимовски: Најголем дел од жалбите за сметките за струја ќе ги прифатиме

Бислимовски: Најголем дел од жалбите за сметките за струја ќе ги прифатиме

Скопје, 11 февруари 2024 (МИА) – Јасно е дека има зголемен број на домаќинства од вообичаеното каде што претпоставката за потрошена електрична енергија очигледно е превисока, кај најголем дел од жалбите кои што се водат кај нас, ние ќе ги прифатиме, вели претседателот на Регулаторната комисија за енергетика Марко Бислимовски.

Во интервју за РСЕ, Бислимовски појаснува дека таму каде што не е отчитано во изминатиот период редовно ќе направат ЕВН Хоум конечна пресметка.

-   И тоа ќе ги прифатиме на следниот начин. Доколку периодот на отчитувањето е 90 дена, ќе се направи една конечна пресметка, каде што, првиот блок го сведуваме на дневно ниво, иако е за еден месец тоа е 210 киловат часови, а ако е за 90 дена е 90 по 7, 630 киловат часови. На тој начин ќе му обезбедиме, непотребни количини на електрична енергија да не му одат во четвртиот блок и заради тоа велам дека блоковите, наместо периодот, ако е 90 дена на отчитување, првиот блок нема да биде 210 кило часови, туку ќе биде 630 кило часови, вториот блок ќе биде исто така како што е сега од 630 помножен до 3, така да за да имаат граѓаните реална пресмета, појаснува Бислимовски.

Во однос на предлог законот за стратешки инвестиции во енергетиката во Собранието, Бислимовски вели дека секогаш ќе ги поддржува инвестициите во енергетскиот сектор.

-За овие инвестиции се преговара, се договара некаде од 2019 година и од премиерот Заев и од премиерот Ковачевски, инвестициите како како Митилинеос, Стипион и другите две веќе беа спомнувани повеќе пати во јавноста. Можеме да кажуваме дека сега до крај не е соодветен периодот, но секоја Влада, претпоставувам дека при крајот на својот мандат сака да ги усвои овие инвестиции, кои што се во вредност од речиси 800 милиони евра и со еден од такви проекти да оди на изборите, вели Бислимовски.

Според него, со тој концепт на фидинг тарифа, до сега во државата се направени 130/140 мегавати мали хидроелектрани, ветерни електрани од 72 мегавата и се направија 17 мегавати фотоволтаици, кои што користат повластена тарифа.

- Тој концепт на повластена тарифа не се применува само во Македонија, се применува насекаде во Европската Унија за да може да се привлечат инвеститори, нагласува Бислимовски.

За 30 години независност, според Бислимовски, државата преку државната компанијата ЕСМ, изградила нешто меѓу 140 и 150 мегавати.

-Сето тоа останато што се изгради во енергетскиот сектор, се приватни инвестиции од приватниот сектор. Домашни компании, има и странски компании направија повеќе од 900 мегавати во овие 30 и нешто години, од кои само во последните две години се направени 600 мегавати. Државата во изминатите 30 години, заради кусогледи политики, заради евтин популизам, од аспект- не можеме да градиме, ако градиме ќе ни расте цената, ако направиш нешто да, тоа има влијание и на цената. И се доведовме во ситуација да потрошиме речиси 400 милиони евра со разни субвенции во најголем дел за домаќинствата и да го изгаснеме пожарот. Додадената вредност ни е нула, посочува Бислимовски.

Прашан зошто државата да не изгради еден објект, како што е когенеративната централа на Метилинеос, Бислимовски, вели дека покрај Митилинеос, таква инвестиција треба да направи и ЕСМ.

-Но, да видиме за колку краток период може да го направи тоа државната компанија. Ние сега дискутираме ЕСМ да гради, односно државата, ама јас ви тврдам. Ако една проектирана вредност на една инвестиција почне да ја прави ЕСМ, пред се ЕСМ работи по Закон за јавни набавки. Само да нема корупција, да нема мито, да нема ништо, само заради начинот на кој што ни функционира нашиот Закон за јавни набавки, ние ќе имаме сериозен проблем да го имплементираме. Втора работа, од која што се плашам, и на сите ние јасно го гледаме, е корупцијата. Јас тврдам дека приватниот инвеститор, било кој, за било што, многу повеќе води сметка за своите пари, отколку што е државата, нагласува Бислимовски.

Во однос на Те-То, Бислимовски вели дека е одлична термоелектрана и таа ќе си работи.

-   Те-То е добар проект. Јас сум експерт, не навлегувам дали била руска, шпанска, италијанска. Тука е во Скопје, бисер ни е од технички аспект. Исклучиво ни помага во делот на стабилизирање на напонот на нашата мрежа и Те-То е одлична термоелектрана. Дај Боже да направевме уште 10 такви Те-Товци големи, мали, насекаде низ Македонија. Не ги направиме, вели Бислимовски.

Имаме, нагласува Бислимовски, неколку проекти кои што се извесни и треба да ги реализираме - тоа е Чебрен, изградба на нова интерконективна врска со Грција и ширење на мрежи за природен гас на државата.

- И сега не успевам да разберам како сите политички елити во државата за овие проекти не се договорат и да кажат „да, ќе ги тераме“. Чебрен не може да го заврши една влада за еден мандат од 4 години, не е тоа како Скопје 2014. Значи, треба време, ама треба да се постигне општ политички консензус, оценува тој. аа/бк/

Фото: МИА архива

Остани поврзан