• петок, 15 ноември 2024

Беџети за утрешната седница на ЦП на ДУИ: Се надевам дека ќе се продолжи дебатата за прашањата што создаваат разлики во партијата

Беџети за утрешната седница на ЦП на ДУИ: Се надевам дека ќе се продолжи дебатата за прашањата што создаваат разлики во партијата

Скопје, 24 март 2023 (МИА) – Демократската унија за интеграција утре во партиското седиште во Мала Речица ќе одржи седница на Централното претседателство, на чиј дневен ред се очекува да биде расправа за „фронтот за Европа“.

Организацискиот секретар на ДУИ и воедно градоначалник на Општина Сарај, Блерим Беџети се надева дека на утрешната седница на Централното претседателство ќе продолжи и дебатата за прашањата „што создаваат разлики меѓу извршната власт и значаен дел од партијата“.

- На последната седница беше донесен заклучок дека треба да се разгледаат двата извештаи и да се продолжи со расправа по извештајот кој се однесува на отчетноста, што е транспарентност, европска вредност и верувам, во најмала рака, очекувам да се продолжи да се дебатира за сите тие прашања кои реално создаваат разлики меѓу извршната власт и значаен дел од Демократската унија за интеграција. Треба да продолжи таа точка од дневниот ред за да се види дали има сработено, дали има резултати и дали тие се исполнети со конкретни ангажмани и реализирање на проекти, согласно изборната програма на ДУИ. Ова ќе биде предложено како точка на дневен ред, рече Беџети денеска по потпишувањето на Договорот за збратимување на скопските општини Сарај и Чаир со малтешката Општина Л-Исла.

Група истакнати членови на ДУИ, кои беа наречени „Огнена група“, кон крајот на септември објавија отворено писмо во кое обвинија дека во партијата речиси две години не постојат и не се формираат статутарните партиски тела и дека политичкото одлучување станало индивидуално. Во писмото, потпишано од 20-тина членови на ДУИ, меѓу кои и Изет Меџити, Муса Џафери, Висар Ганиу, Невзат Бејта, Блерим Беџети, Мерита Коџаџику, се бараше внатрепартиска дебата за да се надмине состојбата и беше упатен повик до лидерот на партијата Ахмети „да го искористи својот политички и  статутарен авторитет за да се најде решение за зачувување на партиското единство“.

- Во ДУИ речиси две години не постојат и не се формираат статутарните партиски органи. Како последица на ова, политичкото одлучување стана индивидуална сопственост. Нема дебата и консултација со партиските бази. Кадровските избори се претворија во привилегија на поединецот Артан Груби, се наведуваше меѓу другото во писмото. Потписниците посочуваа дека „арогантното однесување на извршната власт“ на чело со првиот вицепремиер и министер за политички систем и односи меѓу заедниците Артан Груби, предизвикало „незадоволство, револт и пасивност на структурите и на гласачите“.

По ова на почетокот на октомври се одржа средба на „огнените“ со раководството на ДУИ, на која беше договорено на 15 октомври да се избере новото партиско раководство. На овој собир одржан во Тетово, за потпретседатели на партијата беа избрани Изет Меџити, Арбер Адеми, Бајрам Реџепи и Арбана Пашоли. Фатон Ахмети беше избран за генерален секретар на ДУИ, Блерим Беџети за организациски секретар, а Саранда Имери за секретар за еднакви можности. За членови на Централниот совет беа избрани Али Ахмети, Рамиз Мерко, Јетон Шаќири, Фатмир Дехари, Крешник Бектеши, Талат Џафери, Невзат Бејта, Валдет Џафери, Теута Арифи, Џеват Адеми, Артан Груби, Бујар Османи, Висар Ганиу, Назим Буши, Ејуп Халими, Ариан Даци, Бесник Емшиу, Мирсад Ибраими, Ардита Дани, Билент Сали, Реси Абдурахмани, Шергил Беќири, Шабан Мемети, Артин Спахиу и Емир Сулејмани.

Меѓутоа, и покрај вклучувањето на припадници на т.н. Огнена група во највисокото раководство на ДУИ, нејзините членови продолжија со активности на теренот, одржувајќи средби со партиските членови и гласачите низ земјава, на кои ги презентираат своите заложби за промени во партијата.

Судирот во ДУИ се заостри особено откако Ахмети за координатор на чаирскиот огранок го назначи шефот на дипломатијата Бујар Османи, потег кој за „огнените“ е нестатутарен, бидејќи Изет Меџити е претседател на огранокот на Чаир. Тие ваквата одлука ја толкуваат како партиска елиминација на „огнените“ и најава дека очекуваат слични чекори и кон другите „непослушни координатори“. фф/сп/

Фото: МИА Архива

Остани поврзан