• петок, 05 декември 2025

Бесплатно тестирање за ХИВ и сексуално преносливи инфекции

Бесплатно тестирање за ХИВ и сексуално преносливи инфекции

Скопје, 27 мај 2025 (МИА) - Од денеска до 30 мај во рамки на Европската пролетна недела на ХИВ тестирање, во организација на Асоцијација за здравствена едукација - ХЕРА, ќе се одржи бесплатно и доверливо тестирање за ХИВ и сексуално преносливи инфекции (СПИ). Тестирањето ќе се врши секој ден од 15.00 до 18.00 часот, во Младинскиот центар „Сакам да знам“ на Водно.

ХИВ денес е контролирана здравствена состојба со достапната и ефективна терапија, важна е само навремената дијагноза. Доцната дијагноза е тивок ризик, нешто што може да се избегне со само еден мал чекор. Раното тестирање значи навремена и ефективна терапија, квалитетен и долг живот и нула ризик за пренос на ХИВ (кога луѓето со ХИВ се на терапија и вирусот е недетектибилен, тогаш ХИВ не се пренесува преку сексуален пат).

Дополнително, граѓаните може да се тестираат и за сифилис, гонореја и кламидија, со резултати готови за најмногу 30 минути. Тестирањето е анонимно, бесплатно и доверливо и се спроведува од обучени медицински лица и советувачи.

Граѓаните можат да закажат термин со јавување во Младинскиот Центар „Сакам да знам“ на Водно на телефонскиот број 02/3176 - 950, преку оналјн закажување или со посета на Младински центар „Сакам да знам“ на Водно на ул. Елисие Поповски Марко бр.2.

Тестирањето се одвива во пријателска и безбедна средина, каде освен здравствени услуги, граѓаните може да добијат и индивидуално советување за сексуално и репродуктивно здравје. Првиот чекор кон грижата за сопственото здравје започнува со информираност и навремено тестирање, посочуваат од ХЕРА. 

Услугите се реализираат преку Програмата за заштита на населението од ХИВ инфекцијата, поддржана од Министерството за здравство.

Европската недела на ХИВ тестирање е Европска иницијатива со цел зголемување на пристапот до тестирање за ХИВ и СПИ и подигнување на свеста за важноста на раната дијагноза, особено кај лицата кои се изложени на зголемен ризик. ев/лв/

ФОТО: Банер ХЕРА

 

Остани поврзан