Бесими: Со комплетираниот состав на Владата подготвени сме за издавање еврообврзница
- Кога веќе имаме комплетиран состав на Владата, како што веќе најавив јавно, подготвени сме на повторно издавање еврообврзница со тие услови што ќе важат на пазарот, но со најсоодветна процедура, рече денеска министерот за финансии Фатмир Бесими.
Скопје, 1 март 2023 (МИА) - Кога веќе имаме комплетиран состав на Владата, како што веќе најавив јавно, подготвени сме на повторно издавање еврообврзница со тие услови што ќе важат на пазарот, но со најсоодветна процедура, рече денеска министерот за финансии Фатмир Бесими.
Бесими, кој учествува на панелот „Стратегии за одржување на економскиот раст во време на неизвесност“ во рамки на Економскиот форум - Скопје, истакна дека кредибилноста на политиките дава простор повторно да има соодветна побарувачка за нашите хартии од вредност.
- Кредибилноста на политиките дава простор повторно да има соодветна побарувачка за нашите хартии од вредност, односно инвестиции во нашите еврообврзници за кои фискалниот простор е детерминиран. Вкупно 480 милиони евра треба да имаме во првата половина од годината за да ги реализираме овие исплати, а според сите информации и комуникации со инвеститорите, имаме добра позиција на пазарот тоа да го обезбедиме, напомена министерот.
Според него, во услови на последователни кризи, какви што се актуелните во глобални рамки, клучно е политиките да бидат конзистентни, предвиливи, јасни и таргетирани, а фокусот треба да се стави на намалување на трошоците, како и на намалување на ударите врз стопанството и стандардот на граѓаните.
Земјава, подвлече Бесими, мора да даде јасни сигнали дека е цврсто определена да води макроекономски и фискални политики кои ќе значат фискална консолидација, дека оди таргетирано, адресирајќи ги најпогодените, како и дека е во постојано комуникација со засегнатите страни.
Останува определбата, дополни Бесими, преку соодветни програми да се привлечат домашни и странски инвеститори.
-Треба да се водат конзистентни политики, добро да се комуницираат, а мерките што се предлагаат да се направат инклузивно со поинтензивна комуникација со бизнис секторот и другите засегнати чинители. Мерките мора да бидат таргетирани зашто изворите на финансирање ги има се помалку и се се поскапи. Ако во овие околности сме ефектуирани а не можеме да ги менуваме насоките, може да се фокусираме на намалување на трошоци што поефикасно. Неопходна е и јасна порака до инвеститорите, дека водиме политика на фискална консолидација, конзистентни политики и комуникација со сите чинители за дизајнирање таргетирани политики, потенцира министерот. мч/сп/