• петок, 22 ноември 2024

Бесими: Имаме јасен тренд на фискална консолидација

Бесими: Имаме јасен тренд на фискална консолидација
Скопје, 2 ноември 2022 (МИА) - Ние имавме долг период на јавни расправи за целиот сет на мерки, кој е дел од една стратегија за даночни реформи донесена од Влада во декември. Главен принцип во дискусијата е да се обезбеди еднаквост на даночниот товар во економијата, да се зголеми даночната база и да се зголеми ефикасноста на услугите во јавната администрација. Една од опциите е проширување и намалување на даночните ослободувања, рече вечерва министерот за финансии Фатмир Бесими. Бесими, посочи дека данокот за основната стапка на ДДВ од 18 проценти е најниска во регионот, каде сегде е 20 или 22 проценти. - Ние не велиме дека тоа ќе се зголеми. Но и покрај основната стапка имате две преференцијални стапки, ние викаме листата на тие што добиле со текот на времето преференцијални ја усогласуваме со тоа што е во регионот и во ЕУ. Иако ние имаме 18 проценти ДДВ, ефективната стапка колку се прибираат е 9,3 посто, појасни Бесими во гостувањето на „Топ тема“ на телевизија Телма. Прогресивниот данок на личен доход стапува на сила на први јануари, а министерот посочи дека во текот на јавните расправи исто така сакале да ги слушнат мислењата и предлозите на стопанството и експертите. - Ние не отидовме со став на кој модел одиме, повеќе го отворивме како тема за да видиме која е реакцијата и кои се очекувањата. Втората тема е од аспект на придонесите, а тоа исто го отворивме само како тема и тоа што констатиравме е дека таа група е многу хетерогена, рече Бесими. Според него конечниот предлог на владата за овие мерки е прашање само на недели. Министерот кажа и дека имаме јасен тренд на фискална консолидација што значи обезбедување на фискално одржлива макро финансиска рамка која, како што кажа, всушност дава јасен сигнал кон инвеститорите дека и покрај кризата ние одиме кон стабилизирање на билансот на јавните финансии, а тоа е буџетскиот дефицит и јавниот долг. Бесими посочи дека разликата меѓу капиталните расходи и дефицитот е само 100 милиони евра, што значи дека министерството за финансии постигнало високо ниво на развојна компонента. - Пластично објаснето тоа значи дека без капиталните расходи би биле остварени 100 милиони евра суфицит. Но таков буџет во реалноста не постои, рече Бесими. Според него, тоа што го карактеризира овој буџет државата останува, номинално, на истото ниво на буџетски дефицит, кој изминативе години и покрај кризите постепено се намалува. мс/аа/  

Остани поврзан