• недела, 22 декември 2024

Бесими: Време на големи предизвици и европска трансформација

Бесими: Време на големи предизвици и европска трансформација

Скопје, 20 јануари 2024

Вчера во Вашингтон, Бордот на Директори на ММФ ги одобри Извештајот за Артикл 4 и Извештајот за ПЛЛ (Заемот за ликвидност и претпазливост) со констатација дека успешно се остваруваат целите од програмата и справувањето со кризите. Со тоа се дозволува пристап за дополнителни 200 милиони евра буџетска поддршка за политиките за фискална консолидација и продолжување со успешното економско закрепнување после Ковид пандемијата и енергетско и ценовните шокови предизвикани од војната во Украина.

Во однос на градење здрави економски перспективи и напредок во нашата европска агенда, наредната недела ќе се случуваат и два големи настани. Едниот ќе се случи во Вашингтон каде што очекуваме Бордот на Директори на Светска Банка да ја одобри петгодишната рамка, Рамката за партнерство со земјата 2024-2028 за поддршка на приоритетните области за економски раст и развој на нашата економија. Другиот настан ќе биде во Скопје, каде ќе присуствуваат Премиери и Претседатели, заедно со министри на финансии и министри за европски интеграции од Земјите од Западен Балкан со високи претставници од Европска Комисија и меѓународни финансиски институции и нашите стратешки партнери САД за да се дискутираат следните чекори за успешна имплементација на Планот за раст на ЕУ за Западен Балкан.

Одлична можност за нашата европска перспектива и просперитет. Ова исклучително важно во услови на големи предизвици на глобалната геостратешка сцена, во услови на „новата нормалност„ на неизвесности. Мора паметно да ги искористиме сите можности и нашиот дел од работата да си ја завршиме, навреме!

Пропуштените можности стануваат идни ризици. Тркачот кој нема да забрза, ќе заостане и ќе ја изгуби трката. Годинава и светот и ние се наоѓаме на крстопат, кој ќе ја одреди патеката на посткризното економско закрепнување и долгорочниот развој. Упатените политолози укажуваат дека 2024 година е најголемата изборна година, со изборни процеси кои ќе се одржат во над 50 земји ширум светот, во кои живее половина од светското население. Оттаму, ова е година на нови избори, но и неизвесност, во која светот очекува забавување на растот во однос на лани, натамошно намалување на инфлацијата и олабавување на монетарната политика на големите централни банки.

Во оваа колумна, сакам на јавноста да ѝ ја претставам сложената слика на светската економија со сите ризици и можности, а во контекст на градењето просперитетна иднина за нашата земја. Ќе се осврнам на новите модели за раст, соодветните стратегии и планови за нивна реализација, впишувањето во мапата на глобалните инвеститори, како да го искористиме тековното окружување и да ги надминеме внатрешните структурни предизвици. Ќе се обидам да бидам сеопфатен и разбирлив, да обезбедам суштинско четиво, кое ќе повика на национална свест и широк консензус. Без национален консензус за долгорочна економска стратегија, која ќе обезбеди конзистентност во реформите и политиките, за жал не би можеле да очекуваме позначаен долгорочен напредок. Само заедно и со знаење можеме да одиме побрзо и да стигнеме подалеку. Секако во тој пат има доволно простор за натпревар на идеи и решенија. Со посветеност кон единствена стратегија за долгорочен одржлив раст, промените во следните десет, а понатаму и дваесет години ќе бидат огромни. Зборуваме за побрз раст на животниот стандард (раст на БДП по глава на жител за 70%), позначајно намалување на нивото на сиромаштијата (од 6,1% на 0,4% лица со дневен доход од 2,15 САД долари) и градење попросперитетно модерно европско општество.

Воедно, со оваа колумна го завршувам циклусот на колумни во кои ги презентирав хронолошки предизвиците со кои се соочувавме како влада и лично како министер за финансии, како и политиките и реформите коишто ги спроведовме во изминатиот период. Со оглед дека влегуваме во фаза на предизборен период, а со цел колумните да не добијат белег на предизборен маркетинг, сметам дека ова е соодветен момент да се заокружи овој циклус со анализа и ставови во однос на важни прашања за развојот и економијата.

Мултиполарен свет со мултилатерални предизвици

Според „Глобалниот извештај за ризици 2024“ на Светскиот економски форум како главни ризици на кус рок, се посочуваат дезинформациите, екстремните климатски услови, општествената поларизација, сајбер-нападите, вооружените конфликти, недостатокот на економски можности, инфлацијата и др., додека на долг, како главни ризици се лоцираат екстремните климатски случувања, критични промени во земјините системи, колапс во биодиверзивитетот и екосистемот, значајни кусоци кај природните ресурси, дезинформации, како и потенцијални негативни исходи од примената на вештачката интелигенција (AI). Извештајот, кој се базира на очекувањата на 1.500 глобални лидери од академската јавност, бизнис заедницата, владите и граѓанското општество, покажува доза на загриженост на кус и на долг рок, каде повеќе од половина од испитаниците предвидуваат извесна нестабилност и умерен ризик од глобални катастрофи. Промените во климата, демографијата и технологијата, растечките регионални конфликти, зголемената геополитичка конкуренција и нејзиното влијание врз синџирите на снабдување, покажуваат повеќе точки на рефлексија. Светските лидери во Давос порачаа дека во мултиполарниот свет со мултилатерателни предизвици, потребно е „повторно да се изгради довербата“ и да се адресираат заеднички предизвиците кои одделните држави и региони нема да можат самите да ги решат.

Светот изимна повеќе од половина пат до крајниот рок од Агендата 2030 на Обединетите Нации, додека прогресот по седумнаесетте Цели за одржлив развој (SDGs) покажува слаб и недоволен напредок за повеќе од 50% од целите, додека кај 30% дури има стагнација и назадување. Како што посочува генералниот секретар на ОН, Антонио Гутереш, „ако не се делува сега, Агендата 2030 може да стане епитаф на она што светот можеше да биде“. Разликите помеѓу земјите во развој и развиените земји се заострија по пандемијата и шоковите кои следеа по неа, имајќи предвид дека развиените економии можеа да си дозволат пообемен анктикризен пакет, кој им помогна да се вратат на претпандемискиот раст, додека тоа беше потешко за земјите во развој. Дополнително, со заострување на финансиските услови, каматите за земјите во развој беa неколку пати повисоки во однос на оние за развиените економии. Ранливите економии не добија олеснување за исплата на нивните долгови. Средствата за финансирање на климатските потреби беа под утврдениот таргет од 100 милијарди САД долари годишно, додека за развојна поддршка се издвојуваа под предвидените 0,7 проценти од бруто националниот доход. Имајќи предвид дека целите за одржлив развој се универзално усвоени аспирации за надминување на економските и геополитичките јазови, нивното неисполнување ќе значи дека нееднаквоста ќе продолжи да се продлабочува, додека ризиците за сѐ повеќе фрагментиран свет ќе растат.

Потребен е нов бретонвудски момент, и пред сѐ, обезбедување на потребните финансии за реализација на целите (SDGs), мудри и кохеренти економски политики и одлуки кои ќе ги стават на прво место благосостојбата на човештвото и планетата и реориентацијата кон ниски јаглеродни емисии и отпорен, одржлив и инклузивен раст. Остануваат приоритетите за намалување на сиромаштијата и намалување на нееднаквоста преку социјална заштита и креирање на нови работни места, надминување на предизвиците во образовниот процес, родова еднаквост и подобрување на дигиталната инклузија. Овие реформи треба да бидат поддржани со зајакнати институции, унапредување на отчетноста, ефективни регулаторни рамки и појака дигитална инфраструктура и капацитети.

Зелена трансформација

Главниот фокус на дискусиите во Давос беа климатските предизвици и вештачката интелигенција. Тие се главниот извор на ризици, но и можности на иднината.

Изминатата 2023 година била најтоплата година забележана во историјата, со 2°C повисоки температури во просек во однос на прединдустриските нивоа. Според „Извештајот за глобалните ризици 2024“ на СЕФ, климатските промени се заслужни за половина од потенцијалните економски ризици. Во изминатите половина век, согласно податоците на Обединетите нации, климатската криза предизвика економски штети во износ од 4,3 трилиони САД долари, како и уништување на природните екосистеми. Состојбите понатаму можат само да се влошуваат, ако се земе предвид дека климатските промени влијаат на ресурсите од витално значење за човековиот опстанок - водата и храната.

Потребна е долгорочна стратегија за климата, природата и енергијата, долгорочна системска акција, како што беше посочено и од лидерите во Давос, кон исполнување на таргетите за јаглеродно-неутрален свет до 2050 година, со инклузивен пристап до енергија, храна и вода за целото човештво. Зелената транзиција има потенцијал да биде шанса за многу бизниси и економии, можност за инвестиции и отворање на нови работни места. Инвестициите во обновлива енергија (соларна, хидро-енергија и енергија од ветер) може да доведат до поставување на сосема нова енергетска инфраструктура, отворање на нови пазари и работни места, нови можности. Енергетската ефикасност ќе влијае врз намалување на производствените трошоци, а со тоа и одржување на ниски стапки на инфлација. Други економски можности се одржливото земјоделство, зелените финансии, еко-туризмот, услугите поврзани со климатската адаптација (управување со водни ресурси, опторност на инфраструктурата и сл.) и консултантските услуги поврзани со зелената транзиција. Со усогласување со климатските активности, бизнисите не само што придонесуваат кон поодржлива иднина, туку можат да напредуваат во променлив економски пејзаж поттикнат од еколошката свест и регулаторните промени.

Дигитална трансформација

Дигиталната трансформација по својата природа е можност за зголемување на продуктивноста, подобрување на процесите, забрзување на економскиот раст, но исто така може да биде причина за продлабочување на нееднаквоста и раст на стапките на сиромаштија во светот. Четвртата индустриска револуција (Индустрија 4.0), која се состои во интеграција на напредните технологии, како на пример вештачката интелигенција и синтетичката биологија (Мустафа Сулејман, 2023), веќе придонесуваат кон зголемување на продуктивноста кај различни индустрии, забрзување на процесите и намалување на оперативните трошоци. Подобрената конективност, исто така, ги оптимизира синџирите на снабдување кон пореспонзивен и поагилен економски еко-систем. Пристапот до големите бази на податоци (big data) за аналитичките процеси и носење на информирани одлуки, веќе ја подобрува алокацијата на ресурси и стратешко планирање. Роботиката и автоматизацијата ги поттикнаа производствените процеси, но отворија и нови можности во здравството и логистиката. Генеративната вештачка интелегенција забележува исклучително брз напредок притоа очекуваните ефекти сеуште се дискутираат. Секако дека ќе има позитивни импликации, но за да се спречат злоупотреби исклучително важно е да на меѓународно ниво се регулира оваа област во однос на примена и развој.

Но, има и друга страна на медаљата, онаа која ја истакна неодамна претседателката на Меѓународниот монетарен фонд, Кристалина Георгиева. Студијата која ја има направено ММФ укажува на потенцијалното негативно влијание на вештачката интелигенција на глобалниот пазар на труд. Иако вештачката интелегенција би ја зголемила продуктивноста, таа би ги засегнала 40% од работниците во светот нивните работни места. Оттаму, потребна внимателно балансирана политика и стратегија за мудро користење на технолошкиот потенцијал. Спектакуларниот технолошки развој го зголемува придонесот на вкупната факторска продуктивност, една од поважните детерминанти на економскиот развој. Од тие причини, сосема кратко ќе ја консултираме економската теорија, пред да извлечеме заклучоци за иднината.

Економски модели за одржлив економски раст

Економската теорија препознава повеќе пристапи за обезбедување на економски раст преку вклучување на политики за општествена и економска одржливост, како што се одговорноста кон животната средина, социјалната заштита и долгорочната отпорност.

Еден од попознатите модели е циркуларната економија, која се заснова на повторно користење на веќе искористените ресурси, преку дизајнирање на производи за нивна пренамена и повторно користење. Друг пример е регенеративната економија која е фокусирана на обнова на екосистемите и унапредување на природниот капитал. „Економијата на крофната“ е интересен концепт на економистката и професорка на Оксфорд, Кејт Раворт, чиј модел претполага балансирање на човековите потреби без да се пречекорат еколошките лимити. Социјалната и солидарната економија предлага модели на социјални претпријатија, кои ќе ги адресираат истовремено социјалните и еколошките прашања преку нивните економски активности. Природниот капитализам се залага за одржливо користење на ресурсите преку вреднување на природниот и човековиот капитал и предлага да се инкорпорираат еколошките и социјалните трошоци во сметководствените трошоци, за да се охрабрат одговорните пракси од страна на компаниите. Формирање на Б корпорации е уште еден модел кој претполага компаниите да исполнат строги социјални и еколошки стандарди, преку земање предвид на влијанието на нивните активности врз најголем број од нивните засегнати странки (стеикхолдери). Локализам и децентрализација се однесува на фокусирање на локално производство и потрошувачка, со цел намалување на јаглеродните емисии поврзани со транспортот на стоката и зголемување на отпорноста на локалната заедница. Зелен раст е моделот кој промовира инвестиции во зелени технологии, обновлива енергија и еко-пријателски практики, како двигател на економскиот раст и минимизирање на еколошкиот инпакт.

Голем број на овие современи или популарни модели се преклопуваат и може да се адаптираат на специфичниот регионален или секторски контекст. Сепак, основата не секој од нив е синергија на владите, бизнис секторот и локалните заедници за побалансирана и поотпорна економија.

Патот на „економските чуда“ на денешницата

Ќе се осврнам кон едно истражување кое го правев за економиите кои станаа „економски чуда“ на денешницата. Станува збор за 15 економии, кои имаа извонредно закрепнување

од крупни потреси, или пак огромен раст за само неколку децении. Компаративната анализа е извршена врз Германија, Ирска, Холандија, Шпанија, Турција, Израел, Катар, Обединетите Арапски Емирати, Хонг Конг, Тајван, Сингапур, Јужна Кореја, Јапонија, Кина и Индија. Секоја од овие економии тргна од негативни околности, на пример германската, шпанската и јапонската економија беа уништени во периодот по Втората светска војна, Ирска беше најсиромашната економија во Европа цели два века, Турција, Израел, Катар, Хонг Конг, Тајван и Јужна Кореа започнаа да се развиваат во 60-тите и 70-тите години од минатиот век, економијата на Сингапур беше уништена по прогласување на независност од Малезија, Индија го започна својот развоен пат дури во 90-тите години.

Што е заедничко за сите овие економии? Кои беа факторите за нивна трансформација? Како најчести фактори, или најмал заеднички содржател (НЗС) на успехот на овие економии, се човечкиот капитал, стабилната макроекономска политика, странските директни инвестиции, иновациите и конкурентноста. Се разбира, секоја од овие економии е различна по големина и структура, така што, за развојот кај секоја од нив улога имаат и други фактори, меѓутоа горенабројаните се јавуваат кај сите нив.

Како до 5% просечен раст во следните две декади?

Кога зборуваме за домашната економија, релативно млада пазарна економија во подем, сметам дека горенаведените фактори би придонеле кон забрзување на растот, како и обезбедување на неговата одржливост. Попрецизно, зборувам за инвестиции во човечкиот капитал и водење на демографски политики за одржливост, одржлива фискална политика, континуиран раст на јавните инвестиции во приоритетните области и развој на инфраструктура, државна поддршка за развој на конкурентноста на приватниот сектор, понатамошно олеснување на административните процедури за водење на бизнис, градење на партнерства, позиционирање на мапите на инвеститорите преку водење на одговорни политики и поволна инвестициска клима, користење на придобивките од евроинтегративниот процес, поддршка за рамномерен регионален и локален економски развој, зелена и дигитална трансформација.

Годишниот раст во изминатите две декади во просек е околу 2,5% од БДП. Според сценаријата за раст на економијата во наредните дваесет години се проектира просечен годишен реален раст на БДП за 2,6%. Но, овој раст може скоро двојно да го забрзаме до потребните 5% за побрза конвергенција кон европската економија, преку дејствување кон следните области, кои се дел од Националната развојна стратегија: 1. Одржлива, иновативна и конкурентна економија, 2. Одржлив локален и регионален развој, кој обезбедува кохезија, 3. Демографска ревитализација и социјален и културен развој, 4. Владеење на правото и добро управување, 5. Сигурно, безбедно и отпорно општество, и 6. Зелена и дигитална трансформација.

Спроведувањето на Националната развојна стратегија претполага имплементација на повеќе секторски стратегии и програми со акциски планови по области и приоритети кои се ревидирани и подготвени во последните две години: Стратегијата за развој на човечкиот капитал, Стратегијата за паметна специјализација, Стратегијата за унапредување на извозот, Стратегијата за одржлив развој, Стратегијата за развој на енергетиката, Стратегијата за дигитализација и сајбер безбедност, Стратегијата за локален и регионален развој Стратегијата за управување со јавните финансии, Стратегијата за формализација на неформалната економија, како и стратегии во областа на развојот на земјоделството и безбедноста на храна, стратегии во областа на социјалната заштита, здравството, образованието, културата, туризмот, поддршката на млади и спорт, безбедноста и одбраната.

Прво и најважно, најдрагоцениот ресурс кој го имаме и во чиј развој треба да вложуваме е човечкиот капитал. Според индексот на човечкиот капитал на Светската банка нашите деца користат само половина од нивниот потенцијал кога ќе ја достигнат работоспособната возраст, односно за 25-30% помалку во однос на децата кои живеат во развиените земји. Иако во текот на изминатите неколку години забележуваме подобрување по основ на овој индекс, тоа не е доволно. Суштински е да се продолжи со реализација на Стратегијата за развој на човечкиот капитал, бидејќи ова не се краткорочни политики и потребна е повеќегодишна политичка волја, посветеност и конзистентност за да се постигнат соодветни резултати. Со развојот на човечкиот капитал оди и паметната специјализација за креирање и преструктуирање на кадрите кои ќе одговорат на потребите на стопанството, на пазарот на трудот. Задржувањето на кадрите во земјата е уште една алка во синџирот, преку создавање на подобри услови за живот, па дури понатаму и привлекување на стручни кадри од други држави (глобалните номади) или таканаречено привлекување на интелектот („brain gain“). Поддршката на развојниот фактор продуктивност може да се засили преку дигитализацијата, односно паметно користење на вештачката интелигенција и технологијата за унапредување на процесите.

Вториот фактор на кој треба да делуваме e капиталот, односно инвестиците. Едно од клучните прашања е како да се позиционираме подобро на мапите на странските инвеститори. Одговорот на ова прашање лежи во политиките за поддршка на инвестициите (транспарентни, со даночни поволности и едноставни процедури), владеење на правото, развој на инфраструктурата, инвестициите во човечкиот капитал и обезбедување на стручни кадри, стабилно политичко окружување, пристап до пазарите и трговски договори, инвестирање во економските зони и глобално поврзување. Еднакво важно е стимулирањето на домашните инвестиции, поттикнувањето на претприемништвото и иновативноста, особено во нови технологии кои вообичаено носат многу поголема додадена вредност. Во контекст на развојот на вториот производствен фактор, финансиите, ќе го истакнам Планот за забрзување на растот, кој преку иновативни решенија има за цел да го мултиплицира капиталот, и јавниот и приватниот, и да го стави во функција на развојот.

Како што видовме претходно од глобалниот контекст, фокусот во иднина ќе биде на иновативноста, претприемништвото, изнаоѓањето на нови решенија на ризиците кои ќе се акумулираат на долг рок. Мудрото користење на технолошките откритија и зачувувањето на планетата ќе бидат во фокусот на глобалните лидери. Но, тие може да донесат придобивки и за нашата економија, преку негување на култура на поврзување, градење на партнерства и поддршка на иновативноста.

Третиот, последен и не помалку важен фактор е одржливоста, како на природното окружување, така и на политиките. Водењето на конзистентни и одговорни политики засновани на докази е од суштинско значење за економскиот развој.

Нашата eвропска трансформација

Каква економија, повеќето од нас, сакаат да видат во 2030 година? Пред се, сакаме да ја видиме државата како членка на Европската унија, како рамноправна членка, која ги ужива сите права и одговорности, каде БДП по жител дотогаш ќе се приближи до 12 илјади евра, а стапката на невработеност ќе падне на околу 6%. Оптимизација и дигитализација на јавниот сектор, кој ќе биде вистински сервис на граѓаните и стопанството. Конкурентно, иновативно, отпорно, извозно ориентирано стопанство, вмрежено во глобалните и европските синџири на вредност.

Верувам дека со спроведување на реформите врз база на добропоставените стратегии ќе успееме да ја донесеме „Европа дома“, уште пред да станеме полноправна членка. Европа ни ја понуди шансата, наше е да ја искористиме за доброто на сегашните и идните генерации.

Секој изминат ден надвор од ЕУ е испуштена можност за нас. Некогаш доволно е да се гледа наоколу за да разбереме што пропуштаме. Каде се Хрватска и Словенија денес, кои по членството во Европска Унија направија значаен економски напредок. Отидоа многу понапред од нас, а во тој пат искористиле значителна економска поддршка од ЕУ преку разни структурни и развојни фондови, зголемени се инвестиции и намалена е невработеноста. Истото важи и за земјите од Централна и Југоисточна Европа, односно поранешни земји во транзиција, кои со членството во ЕУ веќе имаат пристап на околу триесет пати повеќе фондови по глава на жител во однос на ИПА кои ни стојат на располагање на нас пред членството во ЕУ, исто така имаат пристап на единствениот европски пазар и многу други поволности, меѓу друго и предност во однос на странски директни инвестиции како земји членки на ЕУ.

Тоа можеме да бидеме и ние, без многу да чекаме и да не губиме време, туку заедно да го изодиме патот на Европска трансформација!

Фатмир Бесими

_________________________________________________________

МИА овие текстови ги објавува во интегрална и оригинална форма и не е одговорна за нивната содржина, ниту за евентуалните правописни недоследности или печатни грешки

Остани поврзан