• среда, 27 ноември 2024

Бесими-Соса: Макроекономската стабилност е задржана и покрај глобалната криза, економијата е на здрави фундаменти

Бесими-Соса: Макроекономската стабилност е задржана и покрај глобалната криза, економијата е на здрави фундаменти

Скопје, 4 септември 2023 (МИА) – Земјава успеа да ја зачува стабилноста и здравата макроекономска поставеност и покрај турбулентниот период проследен со неколку глобални економски кризи. Доказ за тоа е и одобрувањето на ПЛЛ аранжманот од 530 милиони евра, кој се доделува на држави со здрави економски фундаменти, беше истакнато на средбата помеѓу министерот за финансии Фатмир Бесими со новиот регионален претставник за Западен Балкан на Меѓународниот монетарен фонд (ММФ) Себастијан Соса, кој оваа функција ќе ја извршува во следните три години.

-Во Република Северна Македонија како и во останатите земји се чувствува влијанието од континуираниот кризен период. Преземаме континуирани мерки за справување со глобалните влијанија со цел да се одржи стабилноста и придонесе кон заштита на стандардот на граѓаните. Во тие напори од ММФ минатата година, а врз основа на оценката за здравоста на политиките што ги спроведуваме, беше одобрен и пристап до поволни средства во износ од 530 милиони евра преку ПЛЛ инструментот за претпазливост и ликвидност, рече министерот Бесими на средбата.

Посочувајќи дека управувањето со јавните финансии е особен предизвик во турбулентно економско опкружување, наметнато со здравствената и енергетската криза, која речиси сите економии ги измести од нивната траекторија на раст, Бесими наведе дека Буџетот за оваа година е креиран да помогне да се ублажат последиците од кризата, да се обезбеди непречено финансирање на евроатланските интеграции, да се исполнат стандардите на НАТО, но и да се постават темелите за економско закрепнување и да се обезбеди забрзување на економскиот раст. При тоа солидна основа за забрзување на растот на среден рок се поставени во Планот за фискална одржливост и поддршка на економскиот раст, Планот за јавни инвестиции и Планот за забрзан економски раст.

На средбата, исто така беше истакнато дека се продолжува со напорите за фискална консолидација и дека од почетокот на кризата наваму се забележува постепено намалување на буџетскиот дефицит, со цел тој да се спушти под 3 отсто на среден рок, согласно мастришкиот критериум, а преку подобрување на наплатата на буџетските приходи со мерки за намалување на сивата економија и зголемена ефикасност на администрирањето на приходите, потоа намалување и реструктуирање на буџетските расходи преку кратење на неприоритетните и несуштинските трошоци и ревидирање на методологиите за трансфери и субвенции и промени во изворите на финансирање на буџетскиот дефицит, односно нивна поголема диверзификација.

Оваа функција во ММФ досега ја извршуваше Штефани Ебле, на која министерот и се заблагодари за досегашната соработка и и посака успех во натамошните ангажмани.вј/ев/

Фото: Министерство за финансии

Можно е и ова да ти се допаѓа

Остани поврзан