• среда, 07 јануари 2026

Берсе: Транзицијата во Венецуела мора да биде мирна, демократска и базирана на волјата на народот

Берсе: Транзицијата во Венецуела мора да биде мирна, демократска и базирана на волјата на народот

Стразбур, 4 јануари 2026 (МИА) – Ситуацијата во Венецуела која носи момент на длабока неизвесност за венецуелскиот народ и за меѓународната стабилност и безбедност, не може да се сведе на бинарен избор помеѓу осуда и поддршка и таа открива подлабока промена во новиот светски поредок каде што употребата на сила се нормализира, порача генералниот секретар на Советот на Европа, Ален Берсе во врска со развојот на настаните во оваа јужноамериканска држава.

- Како мултилатерална регионална организација посветена на демократијата, човековите права и владеењето на правото, Советот на Европа смета дека секоја употреба на сила на територијата на друга држава покренува сериозни прашања според меѓународното право, вклучувајќи ги и основните принципи на Повелбата на Обединетите нации за суверенитет, територијален интегритет и немешање во внатрешните работи, наведуваа Берсе во писмена изјава.

Тој посочува дека од своето искуство во Украина, Советот на Европа знае колку кревко станува меѓународното право откако ќе се нормализира употребата на сила, па затоа смета дека се важни конзистентноста и кредибилитетот.

- Транзицијата во Венецуела мора да биде мирна, демократска и да ја почитува волјата на венецуелскиот народ. Демократијата може да преовлада само ако ја вратат самите Венецуелци, преку инклузивен политички процес, кредибилни избори и враќање на демократските институции кои ја владеат јавната доверба, смета Берсе.

Според него, во моментов постои ризик од продлабочување на поларизацијата во Венецуела, во целиот регион, како и глобално, помеѓу оние кои го осудуваат „сериозното кршење на меѓународното право и оние кои го сметаат за оправдано“.

- Овие поделби ги ослабуваат темелите на меѓународната безбедност. Без разлика дали го нарекуваме промена на режимот или странско влијание, премногу често се применуваат различни стандарди, обликувани од стратешки интереси или идеолошка близина, а не од споделени и конзистентни правни принципи. Меѓународното право е универзално или е бесмислено. Демократијата е отпорна кога е слободно избрана, институционално заштитена и заснована на легалност. Свет управуван од исклучоци, двојни стандарди или конкурентни сфери на влијание е поопасен свет, додава Берсе во изјавата. сп/са/

Фото: Совет на Европа

Остани поврзан