• понеделник, 23 декември 2024

Бензините поевтинуваат за два денари, цената на дизелот останува иста

Бензините поевтинуваат за два денари, цената на дизелот останува иста
Скопје, 11 август 2022 (МИА) – Бензините и Екстра лесното масло за домаќинство од ноќеска на полноќ поевтинуваат за два денари по литар, а цената на дизелот и на мазутот останува иста, одлучи денеска Регулаторната комисија за енергетика и водни услуги (РКЕ).  Со одлуката се врши намалување на малопродажните цени на нафтените деривати во просек за 1,34 отсто. Новата малопродажна цена на ЕУРОСУПЕР БС-95 ќе изнесува 88 денари за литар,  ЕУРОСУПЕР БС-98 ќе се продава за 90, а Екстра лесното масло за домаќинство (ЕЛ-1) за 85,5 денари за литар. Цената на ЕУРОДИЗЕЛ (Д-Е V) и понатаму ќе остане 90 денари за литар, а  на Мазутот М-1 НС 52,786 денари за килограм. Од РКЕ посочуваат дека референтните цени на нафтените деривати на светскиот пазар бележат намалување кај бензините во просек за 4,114 отсто, кај дизелот намалувањето е во просек за 2,263, кај екстра лесното масло во просек за 3,513, а кај мазутот има намалување во просек за околу 1,29 отсто. Курсот на денарот во однос на доларот, пак, е повисок за околу 0,005 отсто. вј/бак/

Остани поврзан