• понеделник, 23 декември 2024

Белгија се соочува со недостиг на резерви на крв 

Белгија се соочува со недостиг на резерви на крв 

Брисел, 29 јули 2024 (МИА) - Белгискиот Црвен крст упати „итен апел“ до граѓаните за дарување крв, посочувајќи дека резервите на крв во Белгија се значително намалени како последица на помалиот број крводарувања во текот на јули. 

Според Црвениот крст, иако во текот на мај и јуни нивото на резерви на крв во земјата беше високо, ако се задржи јулскиот тренд на крводарување, во следните неделни расположливите залихи „нема да бидат доволни за обезбедување квалитетна услуга во болниците“. 

Особено критични се резервите на негативни крвни групи, па затоа Црвениот крст апелира на поголем одѕив на лицата со овие крвни групи или на „универзалните дарители“, односно лица со нулта крвна група. 

Крвта од нултата група во болниците се користи кога не е позната крвната група на пациентот или кога има недоволни количества на компатибилните крвни групи. Според податоците на Црвениот крст, иако само шест до седум отсто од населението во Белгија има нулта крвна група, таквата крв се користи во 11 до 12 проценти од вкупниот број трансфузии во земјата. 

Црвениот крст потсетува дека крв може да даруваат граѓаните на возраст над 18 години кои тежат најмалку 50 килограми и се во добра здравствена состојба. Од 1 јули вирусот на Западен Нил повеќе не ги исклучува потенцијалните донатори, се додава во соопштението на Црвениот крст. 

Инаку, во јули и август често се случува расположливите резерви на крв да не се доволни за задоволување на потребните на болниците, како резултат на намалениот број на крводарувња во период кога повеќето граѓани се на годишни одмори и има помалку организирани крводарителски акции. сп/

Фото: МИА Архива

Остани поврзан