• понеделник, 23 декември 2024

Бектеши: Преку ЕСМ се субвенционира 80 отсто од фактурата на домаќинствата и малите потрошувачи

Бектеши: Преку ЕСМ се субвенционира 80 отсто од фактурата на домаќинствата и малите потрошувачи
Скопје, 1 април 2022 (МИА) - Осумдесет отсто од фактурите на нашите домаќинства и мали потрошувачи се субвенционираат преку АД ЕСМ со утврдената цена на електричната енергија од 41 евро за мегават час од страна на Владата, потврди денеска министерот за економија Крешник Бектеши. - Производствените цени, а и цените на електричната енергија на светските берзи се 10 пати поголеми во одредени случаи, а денешните цени на ХУПЕКС берзата се минимум седум до осум пати повисоки, рече Бектеши во одговор на новинарско прашање на денешната прес-конференција во Владата заедно со директорот на АД ЕСМ, Васко Ковачевски. Нагласи дека Владата пред крајот на минатата година донесе одлука АД ЕСМ да покрива 100 отсто од потребите на „ЕВН хоум“ и утврди цена од 41 евро за мегават час за универзалниот снабдувач иако требаше годинава да покрива само 60 отсто од потребите на универзалниот снабдувач кој ги снабдува домаќинствата и малите потрошувачи. - Согласно сите проценки и анализи кои ги достави АД ЕСМ до Владата ваквата одлука би чинела околу 100 милиони евра годишно, но имајќи предвид дека секои шест месеци носиме нови одлуки за цени на електричната енергија преку Регулаторната комисија за енергетика за потрошувачите и како Влада за цената по која ЕСМ треба да ја продава на универзалниот снабдувач, веќе најавивме дека од јуни ќе се примени нов тарифен модел со воведување на блок тарифи, односно оние кои повеќе трошат поскапо да плаќаат, а оние кои помалку трошат да плаќаат поевтина електрична енергија дури и од сегашната, појасни Бектеши. Покрај тоа, како што нагласи, на сите домаќинства од 1 јули ќе им се дозволи на покривите да произведуваат сопствена електрична енергија по моделот потрошувач – производител. Според него, не е праведно богатите семејства кои трошат 10 отсто од вкупните дневни потреби на државата за електрична енергија да плаќаат иста цена на електричната енергија со другите и затоа ќе плаќаат повисока цена, а ранливите категории ќе плаќаат и пониска од сегашната. Тој истакна дека во нашата држава над 75 отсто од фирмите влегуваат во категоријата на мали потрошувачи и се снабдуваат со електрична енергија од страна на ЕСМ преку универзалниот снабдувач „ЕВН хоум“. - Во мали потрошувачи во Северна Македонија согласно дефиницијата и прописите се сите тие правни субјекти или броила на правни субјекти кои немаат над 50 вработени и претходната година не оствариле приходи од над 2 милиони евра. Такви се над 75 отсто од сите правни субјекти во државата. Нив ги снабдува АД ЕСМ во оваа кризна состојба, рече Бектеши. вј/сп/

Остани поврзан