Безбедноста, европската перспектива и соработката во рамки на Алијансата во фокусот на работните средби на Османи во Талин
- Министерот за надворешни работи на Република Северна Македонија, Бујар Османи, денеска, во рамки на посетата на официјален Талин, покрај средбата со неговиот колега, министерот за надворешни
Скопје, 10 ноември 2022 (МИА) - Министерот за надворешни работи на Република Северна Македонија, Бујар Османи, денеска, во рамки на посетата на официјален Талин, покрај средбата со неговиот колега, министерот за надворешни работи на Република Естонија, Урмас Реинсалу, оствари повеќе работни средби, меѓу кои и со Спикерот на естонскиот парламент (Riigikogu), Јури Рутас и претставници на Естонскиот Центар за меѓународен развој кои се дел од на актуелниот проект за дигитализацијата на услугите во нашата земја по примиерот на Естонија.
На средбата со Рутас, како што информираат од МНР, биле потврдени пријателски односи и соработка, кои се изградени врз основа на меѓусебно почитување и доверба во изминатите скоро три децении.
Двајцата соговорници ја нагласиле потребата од динамизирање на парламентарната соработка и во овој контекст министерот Османи ја реафирмира потребата од формирање на Парламентарна група за соработка со Северна Македонија во естонскиот парламент. Османи брифираше за актуелностите во врска со европските интеграции на Северна Македонија, соработката во рамки на Алијансата, како и за состојбите во Западниот Балкан низ призмата на безбедноста и европската перспектива на Регионот и потребата од дијалог за изнаоѓање на прифатливи решенија за затворање на отворените прашања.
Рутас, се вели во соопштението, изразил задоволство од билатералните односи меѓу двете земји, со заложби да се искористи потенцијалот кој постои. Во контекст на геополитичките состојби по руската инвазија на Украина и нарушената безбедност, Рутас истакнал дека од исклучително значење е јакнење на источното крило на НАТО, и во тој контекст и солидарноста и единството меѓу земјите членки и партнери на Алијансата.
Соговорниците се осврнале и на идното претседавање на Република Северна Македонија со ОБСЕ во 2023 година, при што ја изразија надежта за блиска соработка и поддршка.
Во насока на продлабочување на воспоставената соработка меѓу Северна Македонија и Естонија во областа на дигитализацијата, министерот Османи остварил средба и со Андреа Киви и Ева Мариа Лиметс, претставници на Естонскиот Центар за меѓународен развој. Целта на разговорите, како што информирата од МНР, била заемен брифинг за текот на актуелниот проект кој се реализира врз основа на Меморандумот за соработка потпишан меѓу Северна Македонија, Естонија и САД, за дигитализацијата на услугите во нашата земја.
Воедно во контекст на дигитализацијата, на министерот Османи му бил презентиран и е-Естонија брифинг центарот, кој е основан во 2009 година, а кој е дел од Агенцијата за бизнис и иновација на Естонија со цел промоција на естонската експертиза во дигитални услуги, ширум светот. аа/мд/