Безбедносната конференција во Минхен утре ќе одржи специјален состанок
- Безбедносната конференција во Минхен (МСЦ) утре ќе одржи специјален состанок за обновување на трансатлантската соработка, на кој ќе дискутираат голем број светски лидери.
Минхен, 18 февруари 2021 (МИА) - Безбедносната конференција во Минхен (МСЦ) утре ќе одржи специјален состанок за обновување на трансатлантската соработка, на кој ќе дискутираат голем број светски лидери.
„По предизвикувачката година за трансатлантските односи и меѓународната заедница како целина, ја започнуваме 2021 година со вонреден виртуелен специјален собир“, најави МСЦ.
Светските лидери, како францускиот претседател Емануел Макрон, американскиот претседател Џо Бајден, германската канцеларка Ангела Меркел, британскиот премиер Борис Џонсон, генералниот секретар на ООН Антонио Гутереш, генералниот секретар на НАТО Јенс Столтенберг, претседателката на Европската комисија Урсула фон дер Лајен и шефот на Светската здравствена организација Тедрос Адана Гебрејесус, како и Бил Гејтс ќе разговараат за обновување на трансатлантската соработка и соочување со глобалните предизвици.
Како што е наведено во соопштението, Бајден е првиот претседател на САД кој ќе се обрати на Конференцијата за безбедност во Минхен.
МСЦ, исто така, наведува дека овој специјален собир не ја заменува годишната конференција, како и дека ќе обезбеди насоки за дебатите во Минхен, што ќе се водат на конференцијата, и кои ќе се одржат веднаш штом ќе дозволи епидемиолошката состојба. паг/