БЕГ: Субвенцијата на потрошувачите на топлинска енергија до овој момент е на товар на компанијата
- Субвенциите кои БЕГ Снабдување ги пресметуваше во фактурите за топлинска енергија во месец февруари, март и април 2022 година во висина од 99,6 милиони денари согласно Одлуката на Владата се
Скопје, 1 септември 2022 (МИА) - Субвенциите кои БЕГ Снабдување ги пресметуваше во фактурите за топлинска енергија во месец февруари, март и април 2022 година во висина од 99,6 милиони денари согласно Одлуката на Владата се уште не се исплатени, односно субвенцијата на потрошувачите на топлинска енергија до овој момент е на товар на компанијата, истакнуваат во соопштение од БЕГ по денешната изјава на претседателот на Регулаторната комисија за енергетика (РКЕ), Марко Бислимовски.
Од БЕГ посочуваат дека услугата снабдување со топлинска енергија за грејната сезона 2022/2023 се фактурира согласно последната Одлука донесена од страна на Регулаторна комисија за енергетика донесена на 29.07.2022 година.
- Воедно Ве информираме дека Одлуката на Владата за субвенционирање е истечена на ден 30.04.2022 година, односно не постои правен основ за аплицирање на субвенции во авансните августовски фактури до потрошувачите, велат од БЕГ.
Оттаму посочуваат дека редовна пракса е фактурите во месеците кога не се испорачува топлинска енергија да се доставуваат до потрошувачите на крајот од тековниот месец, а рокот за плаќање на истите како и секогаш е на 21-виот ден во следниот месец.
Регулаторната комисија за енергетика и водни услуги денеска објави дека е побарано од БЕГ да ги сторнира сметките за парно греење за скопјани за август.
-Единствена причина за зголемувањето на сметките за топлинска енергија што ги добија граѓаните за август е тоа што во нив не е вкалкулирана субвенцијата која што ја дава Владата за потрошувачите на топлинска енергија во Градот Скопје и од тие причини се значително зголемени, порача денеска претседателот на РКЕ, Марко Бислимоски и додаде дека сметките се зголемени за 40-тина проценти.
Тој на прес-конференција посочи дека РКЕ бара БЕГ да ги сторнира сите сметки коишто се испратени до потрошувачите и да се изготват нови сметки во коишто ќе биде вкалкулирана субвенцијата која што ја добиваат граѓаните од страна на Владата. За оние граѓани кои веќе ги платиле сметките рече дека ќе им биде вратена разликата во сумата во наредните сметки без разлика дали дејноста ќе ја врши БЕГ или некоја друга компанија. дма/мч/