• недела, 22 декември 2024

Бегај: Членството на Косово во Јадранската повелба е од суштинско значење за стабилноста на регионот

Бегај: Членството на Косово во Јадранската повелба е од суштинско значење за стабилноста на регионот

Тирана, 18 септември 2024 (МИА) - Албанскиот претседател Бајрам Бегај денеска во Тирана изјави дека членството на Косово во Јадранската повелба е неопходно за стабилноста на целиот регион.

На 27. Конференција на началниците на генералштабовите на Американско-јадранската иницијатива албанскиот претседател изјави дека Косово ја докажало својата посветеност на мирот и оти, како што посочи, земјата е фактор кој придонесува за безбедноста на Западен Балкан.

-Во соработка со нашите сојузници, континуирано работевме на зајакнување на безбедноста во регионот и промовирање на целосна интеграција на Западен Балкан во евроатлантските структури, рече Бегај.

Според него, на овој пат е важно да се вклучат нови членки кои сакаат да се приклучат на Иницијативата на САД - Јадранската повелба и НАТО.

-Членството на Косово во оваа Повелба е од суштинско значење не само за безбедноста на Косово, туку и за стабилноста на целиот регион. Иако Косово е нова земја, таа покажа посветеност на мирот и соработката и е фактор кој придонесува за безбедноста на Западен Балкан, рече Бегај.

Јадранската повелба е формирана од Албанија, Хрватска, Северна Македонија и САД во 2003 година за да им помогне во нивните напори да се приклучат на НАТО, а Косово има статус на набљудувач од 2012 година.

Претседателот на Албанија во својот говор оцени дека балканскиот регион се соочува со конкретни предизвици, „особено во областа на безбедноста, додека останува кревкоста наспроти дестабилизацијата“.

-Историјата не смее да се заборави, во спротивно можеме да ги повториме грешките. Способни сме да одговориме на овие предизвици. Во соработка со нашите сојузници, работевме на подобрување на безбедноста во регионот, додаде тој.сд/

фото:МИА архива

Остани поврзан