Баро: Макрон утре ќе биде домаќин на состанокот на европските лидери за ситуацијата во Украина (ДПЛ)
- Францускиот претседател Емануел Макрон утре ќе биде домаќин на состанок на европските лидери на кој ќе се разговара за ситуацијата во Украина, потврди министерот за надворешни работи Жан-Ноел Баро, цитиран од светските агенции.

Париз, 16 февруари 2025 (МИА) - Францускиот претседател Емануел Макрон утре ќе биде домаќин на состанок на европските лидери на кој ќе се разговара за ситуацијата во Украина, потврди министерот за надворешни работи Жан-Ноел Баро, цитиран од светските агенции.
Како што е наведено, состанокот ќе се одржи неколку дена откако американскиот специјален пратеник за Украина Кит Келог „ја потресе Европа со изјавата дека ЕУ нема да има место на преговарачката маса за ставање крај на војната во Украина“.
Според петмина европски дипломати, на состанокот во Париз утре ќе присуствуваат лидерите на Франција, Германија, Велика Британија, Полска, Италија, Шпанија и Данска, а Данска ќе ги претставува балтичките и скандинавските земји.
„Макрон ќе ги собере главните европски земји во Париз за да разговараат за европската безбедност“, изјави денеска министерот за надворешни работи Баро за радиото Франс Интер, без да ги прецизира учесниците на работната средба. паг/
Фото: Јутјуб