• недела, 22 декември 2024

Бангладеш издаде налози за апсење на поранешната премиерка Хасина поради злосторства против човештвото

Бангладеш издаде налози за апсење на поранешната премиерка Хасина поради злосторства против човештвото

Дака, 17 октомври 2024 (МИА) - Специјалниот суд во Бангладеш денеска издаде налози за апсење на поранешната премиерка Шеик Хасина Вазед и уште 45 лица, вклучувајќи и нејзини блиски соработници, под обвинение за злосторства против човештвото за време на бунтот предводен од студенти во јули и август, поради кој таа беше принудена да избега од земјата.

Обвинителот изјави дека Меѓународниот суд за злосторства со седиште во Дака, предводен од нобеловецот Мухамед Јунус, шеф на привремената влада, ги издал налозите за апсење како одговор на две петиции поднесени од обвинителството.

Хасина побегна во Индија на 5 август, по една недела насилни протести во кои загинаа стотици луѓе.

Обвинителите во петициите наведуваат дека Хасина, нејзините блиски соработници и безбедносните служби се одговорни за убиството на демонстранти и други лица.

Не е јасно дали Индија ќе одговори на какво било барање на Бангладеш за екстрадиција на Хасина врз основа на заедничкиот договор.

Главниот обвинител на Трибуналот, Мухамед Тајул Ислам, претходно изјави дека ќе побара помош од Интерпол за враќање на Хасина.

Привремената влада предводена од Јунус вети дека ќе им суди на Хасина и на останатите од нејзината администрација за злосторствата за време на бунтот против неа и повика Обединетите нации да помогнат во истрагата за убиствата. ссм/

фото: архива

Остани поврзан