• петок, 12 јули 2024

Балтичките земји се солидаризираат со Чешка и протеруваат руски дипломати

Балтичките земји се солидаризираат со Чешка и протеруваат руски дипломати
Рига, 23 април 2021 (МИА) - Летонскиот министер за надворешни работи Едгарс Ринкевичс денеска на твитер објави дека Летонија, во знак на солидарност со Чешка, протера руски дипломат. - Во знак на солидарност со нашите чешки сојузници и поради кршење на Виенската конвенција за дипломатски односи, Летонија одлучи да протера руски дипломат. Летонија нема да толерира субверзивни активности на нејзината територија, како и на територијата на нејзините партнери и сојузници, напиша Ринкевичс. Министерството за надворешни работи на Летонија соопти дека е информиран вршителот на должноста амбасадор на Руската Федерација во земјата, Вадим Василиев за одлуката. - Летонија е заинтересирана за градење на односи со Русија засновани врз взаемно почитување, меѓународното право и принципите на Виенската конвенција за дипломатски односи. Руските активности веќе долго време се доказ за систематско кршење на овие принципи и влошување на безбедносната состојба, се наведува во соопштението на летонското МНР. И министерот за надворешни работи Габриелиус Ландсберис на Литванија изјави дека во знак на солидарност со Чешка, одлучено е да се протераат двајца руски дипломати, изјави министерот за надворешни работи Габриелиус Ландсберис. И Министерството за надворешни работи на Естонија соопшти дека ќе протера еден  руски дипломат. По најавите на балтичките држави, портпаролката на руското Министерство за надворешни работи, Марија Захарова изјави дека дека Москва ќе им одговори на Естонија, Литванија и Летонија за протерување на руските дипломати со реципрочна мерка. - Властите на овие земји не треба да се сомневаат во нашиот одговор. Нивните дипломати сега можат да почнат да размислуваат кој од нив ќе мора да ги спакува куферите, посочи Захарова. Чешка минатата недела ја обвини Русија за учество во експлозија во магацин за муниција во Врбетица во 2014 година, при што загинаа две лица. Меѓу осомничените се Александар Петров и Руслан Боширов, кои Лондон ги бара за труењето на поранешниот руски разузнавач Сергеј Скрипал и неговата ќерка Јулија. Кремљ таквите обвинувања ги оцени како безобразни и неосновани. По обвинувањата, Прага протера 18 вработени во Амбасадата на Русија, а Москва одговори со тоа што 20 вработени во чешката дипломатска мисија ги прогласи за персона нон грата, што е речиси две третини од персоналот. ми/

Остани поврзан