• среда, 15 мај 2024

Ајакс се огради од навивачите и го смени спортскиот директор

Ајакс се огради од навивачите и го смени спортскиот директор

Амстердам, 25 септември 2023 (МИА) – Трофејниот холандски фудбалски клуб Ајакс денеска преку одвоени соопштенија се огради од навивачите кои предизвикаа прекин на вчерашното дерби против Феенорд и воедно му врачи отказ на спортскиот директор Свен Мислинтат.

Дербито меѓу Ајакс и Феенорд беше прекинато во 55. минута поради дивеење на домашните навивачи при резултат 0-3 за гостинскиот тим.

-Раководството и Надзорниот одбор се оградуваат од сè што во неделата доведе до прекин на натпреварот со Феенорд, како и од сè што дополнително се случуваше. На такво однесување нема место во Ајакс. Разочарувањето поради лошиот старт на сезоната е разбирливо, но тоа не смее да биде оправдување за инциденти, соопшти Ајакс.

Во одвоено, исто така, штуро соопштение, клубот од Амстердам објави дека спортскиот директор Мислинтат е отпуштен, само пет месеци откако беше назначен на должноста.

-Соработката меѓу Ајакс и Свен Мислинтат е прекината и оваа одлука станува на сила веднаш, се наведува во клупското соопштение.

Ајакс по воведните четири натпревари во холандското првенство освои само пет бодови и се наоѓа на 14. место на табелата. ег/

ФОТО: Фејсбук

Остани поврзан