Атанасовски со јавна благодарност по ,,совладувањето" на пожарот во Косевица и Моштица
- Градоначалникот на Општина Македонска Каменица и прв човек на Општинскиот кризен штаб Димчо Атанасовски, вечерва упати јавна благодарност до сите институции, доброволци, компании и поединци кои активно учествуваа во акцијата за гаснење на шумскиот пожар кој во изминатите три дена ја зафати територијата на селата Косевица и Моштица.
Македонска Каменица, 29 јули 2025 (МИА) – Градоначалникот на Општина Македонска Каменица и прв човек на Општинскиот кризен штаб Димчо Атанасовски, вечерва упати јавна благодарност до сите институции, доброволци, компании и поединци кои активно учествуваа во акцијата за гаснење на шумскиот пожар кој во изминатите три дена ја зафати територијата на селата Косевица и Моштица.
Во изјавата, градоначалникот на Македонска Каменица истакна дека навремената интервенција и успешната неутрализација на огнената стихија се резултат на исклучителната пожртвуваност, координација и ангажираност на сите вклучени.
Посебна благодарност упати до територијалните противпожарни единици од Македонска Каменица, Кочани, Виница и Делчево, ЈП „Национални шуми“, Армијата на Република Македонија, Дирекцијата за заштита и спасување, Регионалниот центар за управување со кризи – Делчево, ЈП „Камена Река“, доброволните противпожарни друштва, шумската и граничната полиција, рударите од „Четата за спасување“ при Рудникот САСА, како и до локалното население и членовите на Општинскиот кризен штаб.
Градоначалникот Атанасовски исто така изрази благодарност до сите општествено одговорни компании кои обезбедија логистичка поддршка, храна и вода за теренските екипи, нагласувајќи дека поддршката од приватниот сектор имала клучна улога во олеснување на теренските активности. Воедно, посебно беше истакната улогата на здружението на граѓани „Валхала Фин“, кои самоиницијативно организираа пункт за донации во центарот на градот и преку социјалните мрежи успешно го мобилизираа граѓанството.
- Особена благодарност и до сограѓанинот Андреј Ѓорѓиевски од компанијата „IllusoXR“, кој со користење на дрон обезбеди клучни визуелни податоци за движењето на пожарот, што значително помогна во неговото локализирање и гасење. Овие денови уште еднаш покажавме дека заедништвото, солидарноста и грижата за нашата заедница се вредности што нè прават посилни и поодговорни. На сите учесници во акцијата – им благодарам од срце“, изјави Атанасовски. вс/
Фото: Димчо Атанасовски, градоначалник на Македонска Каменица