• петок, 22 ноември 2024

Атал: Дополнителни полициски сили пристигнуваат во Нова Каледонија во наредните часови

Атал: Дополнителни полициски сили пристигнуваат во Нова Каледонија во наредните часови

Париз, 15 мај 2024 (МИА) - Дополнителни полициски сили ќе пристигнат во Нова Каледонија во следните часови, изјави денеска францускиот премиер Габриел Атал.

Говорејќи во Парламентот во Париз, Атал повтори дека Владата прво има намера да разговара со претставниците на различните заедници во Нова Каледонија пред да заврши уставна реформа што ќе го промени законот за гласање на француската прекуморска територија.

Во немирите во Нова Каледонија едно лице е застрелано, а повредени се стотици луѓе, вклучувајќи околу 100 полицајци и жандарми, соопшти претходно францускиот министер за внатрешни работи, Жералд Дарманин. Десетици домови и деловни објекти биле запалени за време на немирите поврзани со гневот поради уставните реформи. Повеќе од 130 лица се приведени.

Немирите почнаа завчера додека во Франција се расправаше за планираниот закон со кој на илјадници француски граѓани на јужниот пацифички архипелаг ќе им се даде право на глас, а со тоа и поголемо политичко влијание. Националното собрание во Париз преку ноќ ја усвои реформата со 351 глас за и 153 против. 

Францускиот претседател Емануел Макрон ќе побара денеска на седница на Владата да биде прогласена вонредна состојба во Нова Каледонија, каде што три лица загинаа во вториот ден од немирите, откако францускиот Парламент ги одобри измените на правилата за гласање во архипелагот на Пацификот, јавија светските агенции, повикувајќи се на кабинетот на претседателот. рп/

Фото: ЕПА

Остани поврзан