• петок, 22 ноември 2024

Асоцијација на Кошаркарски Играчи: После пандемијата сакате да се вратиме на терен во 100% форма, за 25% плата?

Асоцијација на Кошаркарски Играчи: После пандемијата сакате да се вратиме на терен во 100% форма, за 25% плата?
Скопје, 18 октомври 2020 (МИА) – Асоцијацијата на кошаркари во Македонија изрази незадоволство од одлуката на клубовите да ги намалат нивните плати на само една четвртина доколку во скоро време не почне првенството. Во продолжение во целост го пренесувама соопштението на Асоцијација на Кошаркарски Играчи: Како Асоцијација на Кошаркарски Играчи излегуваме повторно со соопштение со цел да ги пресретнеме мерките кои се однесуваат на спортските настани за време на пандемијата со КОВИД 19, а се реализираат исклучиво само на грбот на спортистите, особено на нас кошаркарите. Пред неколку дена обрнавме внимание за неправдата дел од спортските натпревари и лиги да се реализираат и да важат различни правила во однос на третирањето на тимовите кога некој од играчите е заболен со КОВИД 19, а за нас кошаркарите да се аплицираат многу построги правила и кошаркарската лига да биде единствената која не започнува со работа. Но за жал не застанува тука, неправдата со нас кошаркарските играчи продолжува од сите страни. Сите се запознаени дека крајот на минатата сезона на многу начини значеше компромис од наша страна, а беа заштитени кошаркарските клубови и управи. Голем дел од клубовите не ги исполнија обврските и ја искористија ситуацијата со короната да скратат повеќе месечни примања на кошаркарските играчи. Здружено и со стиснати заби ги издржавме овие месеци, но еве повторно се најавува мерка за кратење на платите на кошаркарските играчи. Имено, пред неколку дена, Здружението на прволигаши објавија дека доколку не дојде до почеток на кошаркарската лига, кошаркарите ќе земаат само 25% плата. Ние како Асоцијација на Кошаркарски Играчи се противиме и декларативно одбиваме да се донесуваат одлуки без наша вклученост во процесот. Ние како кошаркарски играчи го носиме товарот на успехот и неуспехот, на постојани тренинзи, на целосна посветеност на спортот, го афирмираме и сакаме овој спорт со целото срце, но нема да дозволиме повторно некој да си игра со нашето достоинство. Ситуацијата со пандемијата со КОВИД 19 не е одговорност на кошаркарите за секогаш ние да ги сносиме последиците. Добро е познато дека целиот наш кошаркарски живот го имаме посветено токму на кошарката, дел од нас го носеле светиот дрес на македонската репрезентација, дел го носат, а дел допрва ќе прераснат во лидери и репрезентативци. Но, сето ова се чини е залудно доколку не се најде решение кое ја штити најважната алка во секој спорт т.е. играчите, бидејќи вака како што се дејствува до сега, наскоро сите кошаркарски играчи ќе останеме на улица и надвор од кошарката. Ги прашуваме Здружението на прволигаши и останатите одговорни со кого ќе организираат лига доколку никој од нас не успее да се задржи во овој спорт? Кошаркарите и во нормални времиња работат во ненормални услови т.е без платени придонеси, со плата само 9 или 10 месеци во годината, во супстандардни услови, во незагреани сали и на ниски температури, па сега прашуваме колку мислите дека можеме да издржиме? И целата пандемија да ја земеме на наши плеќи? Згрозени сме дека ова е првата одлука која здружението на прволигаши ја донесе откако се соочивме со можно сценарио за траен прекин на натпреварувањето во предстојната сезона. Изгледа само ние играчите треба да промовираме спортски дух и фер игра, а другите профит и сопствени интереси. Ова се нашите ставови: - Ние спортски кажано „гинеме“ за овој спорт и патиме повторно да можеме да натпреваруваме. Ако има услови спремни сме на сите протоколи само да ни се дозволи да го правиме тоа што најдобро знаеме и сакаме. Колективната одговорност не е новост за нас, нам тимскиот живот и тимската одговорност ни е врежано во нашиот спортски ДНК. - Ние како и сите други мораме да егзистираме и бараме наша заштита во овој процес бидејќи ние сме на работ на егзистенцијата. Многу од нас ќе излезат од кошарката, а меѓу нас се новите Антиќ, Стефанов, Наумовски, Гечевски... Доколку државата и Комисијата за заразни болести одлучат дека нема услови за натпреварување, ние како секогаш до сега сакаме да останеме во тренажен процес и форма (согласно сите протоколи кои ќе се назначат) за да можеме во кој било момент е погодно да се вратиме на терен со 100%, а не со 25%. Ние сме професионалци и така ги извршуваме нашите обврски дури и во овие специфични времиња. Третирајте не професионално. Многу пати сме покажале колку сме издржливи, а сите се сеќавате и какви радости сме и донеле на оваа држава, но не си играјте со нашето трпение. Стоиме сите спортски рамо до рамo и бараме решение за нас. Ние сме научени за овој спорт да се бориме на терен, немојте да не терате да бараме права на улица. НЕКА ПОБЕДИ СПОРТОТ НЕКА ПОБЕДИ КОШАРКАТА! – стои во соопштението на кошаркарите. зс/

Остани поврзан