• петок, 22 ноември 2024

Арсовски: Во интерес на учениците е настава со физичко присуство

Арсовски: Во интерес на учениците е настава со физичко присуство
Скопје, 21 септември 2022 (МИА) - Во интерес на учениците е настава со физичко присуство, нема промена во начинот на нејзината реализација, а Владата за справување со предизвиците од енергетската криза е во комуникација со сите засегнати страни преку Министерството за образование и наука, вели портпаролот на Владата Душко Арсовски. Одговарајќи на новинарско прашање за барањето на дел од општините за продолжување на зимскиот распуст на учениците заради штедење струја и огрев и колку се оправдани барањата дел од трошоците и субвенциите да ги покрива Владата, Арсовски рече дека на вчерашната седница на Владата немало дискусија за тоа. -На последната седница на Владата немаше дискусија во однос на ова прашање. Владата останува посветена во надминување на предизвиците предизвикани од енергетската криза и е во комуникација со сите засегнати страни преку Министерството за образование и наука, рече портпаролот Арсовски, дополнувајќи дека нема промена во начинот на реализација на наставата со физичко присуство во основните и средните училишта. Организирањето во смисла на трошоците за загревање на училиштата, дополни владиниот портпарол, е во рамки на надлежностите на општините односно на локалната самоуправа и за тоа од Министерството за образование и наука се исплаќаат дотации до општините. Така што, потенцираше Арсовски, важно е да се каже дека тие се одговорни и во интерес на учениците е физичко присуство на наставата. лв/бак/

Остани поврзан