Арсовска на средба со граѓаните од Гази Баба понуди решенија за проблемите на жителите
- Независната кандидатка за градоначалник на Скопје, Данела Арсовска вечерва оствари средба со граѓаните од Гази Баба, при што порача дека е потребно итно решавање на актуелните проблеми во ова
Скопје, 30 септември 2021 (МИА) – Независната кандидатка за градоначалник на Скопје, Данела Арсовска вечерва оствари средба со граѓаните од Гази Баба, при што порача дека е потребно итно решавање на актуелните проблеми во оваа општина.
- Граѓаните отворено зборуваат за секојдневните проблеми што ги имаат и што им го загрозуваат секојдневието, како проблемот со чистата вода за пиење, непостоењето фекална канализација во некои делови од општината, лошата поврзаност со центарот на градот и високата загаденост на воздухот, истакна Арсовска и додаде дека нехумано е да се живее во 21 век со вакви проблеми секој ден.
Таа понуди конкретни решенија за проблемите.
- Директно ќе го поврземе Маџари со Ново Лисиче со мост кај Вардариште, а со цел олеснување на економскиот транспорт кај многубројните инвеститори во делот на Маџари, предвидуваме продолжување на улицата Маџари од рампата во Маџари преку Вардариште до реката Вардар, со нов мост и продолжување до раскрсницата на бул. АСНОМ со булеварот Февруарски поход. Со ова ќе обезбедиме полесен пристап, растеретен сообраќај и директна врска помеѓу Гази Баба и Аеродром, објасни Арсовска.
Од аспект на зачувување и проширување на зелените површини, Арсовска најави посебен проект за парк-шумата Гази Баба
- Во срцето на градот Скопје имаме непроценливо природно богатство. На овој локалитет ќе ги обновиме постојните и ќе создадеме нови пешачки и велосипедски патеки, урбана опрема и летниковци, им порача Арсовска на граѓаните на Гази Баба. ки/дма/