• понеделник, 01 јули 2024

Директорот на Клиниката за хируршки болести бара доградба на објектот за операциони сали

Директорот на Клиниката за хируршки болести бара доградба на објектот за операциони сали

Скопје, 12 јануари 2024 (МИА) - Директорот на Клиниката за хируршки болести, Љубен Арсенков денеска побара доградба на болницата за нови пет операциони сали со што би се зголемила функционалноста и би се растеретиле сегашните операциони сали. 

При денешната промоција на новата апаратура во Болницата во присуство на премиерот Димитар Ковачевски и министерот за здравство Фатмир Меџити, Арсенков преку видео анимација покажа како би изгледала доградбата.

- Се работи за доградба во делот на паркингот со тоа што со топол премин би била поврзана со самата установа. Топлиот премин би служел како настрешница, која во моментот недостасува. За да ги запазиме на некој начин еколошките моменти, горе би завршиле со еден „руфтоп гарден“. Од визуелен аспект, делува многу убаво, меѓутоа, толку е голема функционалноста доколку ова би го направиле. Пет операциони сали со сите светски стандарди е спас за македонската хирургија, рече Арсенков, додавајќи дека сега се преоптоварени сите сали.

Објектот, како што посочи, е стар 93 години.

 - Има мал проблем, за што верувам министерот ќе се заложи. Конзерваторски центар не ни дава да го споиме ова со зградата, затоа што е заштитена како архитектонски објект, рече Арсенков.

Министерот Меџити најави средба за оваа идеја следната недела. 

- Многу ми се допадна. За овие пет операциони сали, сега го гледам видеото пред вас. Ќе дојдат директорите следната недела на разговор, ќе го донесат сето тоа што го имаат замислено како идеја, рече Меџити.

Годишно, во оваа Болница се третираат околу 120 илјади пациенти. бд/бак/

Фото: МИА

Остани поврзан